НМ: Македонскиот шеф на комисијата со Бугарија сопствените дела ги прогласува за фалсификати

Последните изјави на претседателот на македонскиот дел од мешовитата историска комисија со Бугарија Драги Георгиев според анализата на Нова Македонија се толку голем парадокс, што со нив дури и сопствените научни трудови како историчар си ги компромитира како фалсификати.



Според анализата на весникот шефот на историската и образовна комисија со Бугарија по последните настани се поставуваат повеќе прашања поврзани со односите со Бугарија кои ја допираат историјата, политиката но и здравата логика.

,,Не разбирам како човек што треба да ги претставува и брани македонската историска наука и македонската нација со научни аргументи, изнесува во јавност такви политички мотивирани квалификации, кои ја дисквалификуваат целата македонска историографија и ја деградираат македонската нација како фалсификувана. Не разбирам што сака да каже: дека Македонците се Бугари, дека сме ја фалсификувале историјата за градење на нацијата? Недоветно и дегутантно да се зборува за историски фалсификати во 21 век! Ако се тврди такво нешто, мора да се излезе со конкретни аргументи и го повикувам претседателот на македонскиот дел од историската комисија, доколку ги има, да ги обнароди т.н. фалсификати на македонската историографија. Тоа е толку голем парадокс, што дури и сопствените научни трудови како историчар, професорот Ѓоргиев ги компромитира како фалсификати – вели професорот од Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов, колега на професорот Драги Ѓоргиев.

Професорот Чепреганов укажува на податокот дека имало еден-два издвоени случаи во минатото кога македонски историчари сметале дека споменувањето „Бугари“ во одредени документи од одреден историски период треба да се „читаат како Македонци“, но немало интервенции во документите, што би имплицирало на фалсификати, туку тоа се издвоени научни гледишта.

,,За тоа се дискутирало и во македонските и во бугарските историски кругови, и тоа е расчистено. Не може и не смее поради издвоени научни гледишта да се наметнува фалсификаторска дамка на македонската историографија, а македонската нација да се нарекува „фалсификат“. Особено што во бугарската историографија има многу поексплицитни фалсификати”, вели историчарот Чепреганов.

Професорот Чепреганов смета дека ваквите изјави на претседателот на македонскиот дел од комисијата го доведуваат во прашање научниот кредибилитет на целата комисија.

,,Ако во македонската историографија имало фалсификати, зошто членовите на комисијата не ги откриле пред нејзиното формирање? Зошто членовите на македонскиот дел од комисијата немаа забелешки за содржините на историските учебници во Македонија пред само три-четири години, пред да биде формирана комисијата како резултат на Договорот за добрососедство? Целата работа на комисијата и изјавите на нејзините членови се политички мотивирани. Ако беа научно мотивирани при оставките на тројца членови од нејзиниот првичен состав, преостанатите членови ќе застанеа во заштита и одбрана на нивните научни аргументи и укажување за политички притисоци. Така ќе покажеа дека нема политичко влијание во работата на комисијата. Со останувањето во комисијата, застанаа зад политиката. Всушност, комисијата е формирана со цел историчарите да испорачаат резултати според Договорот за добрососедство, кои ќе ѝ угодат на едната страна – на бугарската. Зарем некој очекува дека Бугарија ќе ја внесе македонската нација во своите учебниците, кога политички не ја признава”, поставува повеќе реторички прашања професорот Чепреганов.

Целата анализа на Нова Македонија