Откупот и продажбата на земјоделски производи во првото тримесечје од 2023 година бележи загрижувачки податоци. Вредноста на вкупно откупената и продадена вредност во првите три месеци годинава изнесува 3.136.295 илјади денари и во однос на истиот период од претходната година е намалена за 35,3 отсто. Уште позагрижувачки податоци, кои ги објави Државниот завод за статистика, се однесуваат на откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители, каде што има намалување за 58,7 отсто! Високиот пад на откупот на домашното земјоделско производство не можеше да биде надоместен од зголемувањето од 21 отсто на продажбата на земјоделски производи од сопствено произвоство, пишува Нова Македонија.
Причина за намалениот откуп, според земјоделците, е и намалувањето на домашното градинарско и полјоделско производство, што ни се случува во изминатите години, поради намалување на интересот на младата популација за продолжување на земјоделското производство во руралните средини. Дополнителен проблем предизвикаа и мерките на Владата за ограничување на цените на некои земјоделски производи, со намера да влијаат на намалување на цените на зелените пазари.
– Владата уште со укинувањето на прелевманите за увоз на градинарски производи и со договорот за бесцарински увоз во земјите од Западен Балкан го уништи домашното производство, а со оваа мерка веќе го докрајчи оранжериското и градинарското производство во земјава, кое од година на година се намалува. Нерешени се низа состојби што придонесоа да има сè помалку работна рака, а трошоците на производство да растат – велат од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство.
Поради високите трошоци на производството во изминатите години, од 15 оранжерии годинава беа активни само три, кои поради ограничената цена, но и поради неконтролираниот увоз на поевтини производи, се соочуваат со проблеми во финансиското работење, пишува во анализата.
Линк до целата анализа.







