„Македонците го повикуваат Илон Маск да ја купи Македонија и да ја тргне претставката ‘северна’, придружувајќи се на глобалните апели за инвестирање до најбогатиот човек на светот, додека сите се прашуваат која ќе биде неговата следна зделка по купувањето на компанијата ‘Твитер’.“ – вели весникот „Нова Македонија“ во својата редакциска статија со наслов „Македонците го повикуваат Илон Маск да ја купи Македонија и да ја ‘избрише северна“.
„Нова Македонија“ пишува: „Илон Маск, купи ја северна Македонија и избриши го она ‘северна’; – ‘Купи ја северна Македонија, за да биде народот најпосле среќен и однеси ги сите политичари на Марс“; – ‘Купи ја Македонија и прати ги сите политичари на Марс, два милиона луѓе ќе ти бидат благодарни’; – ‘Илон Маск, купи ја нашата држава без она северна, само Македонија. Ќе ти ги дадеме политичарите бесплатно. Не вредат ништо, но подарок е подарок’; – ‘Можеш ли барем да ја купиш северна Македонија и да го тргнеш нелегалното, навредливото и угнетувачко ‘северна?’ – ова се дел од пораките упатени од македонските твитерџии до Маск.“
„Ваквиот тренд за барање инвестиции од Маск повторно се засили откако човекот, чие богатство се проценува на 264,6 милијарди долари, се пошегува дека ќе ја купи и компанијата ‘Кока-Кола’. Тоа поттикна бројни шеги на Интернет за следниот бизнис-потфат на сопственикот на компаниите ‘Тесла’ и ‘Спејс екс’.“
„Македонците и претходно се придружија на твитер-кампањата за ‘пристап’ до милијардите на Илон Маск, меѓу бројните барања за помош и инвестиции од целиот свет, кои пристигнуваа до американскиот претприемач преку општествената мрежа. Македонските корисници на твитер во 2018 година се обидуваа да го ‘натераат’ Маск да инвестира во сончеви панели во државава, оставајќи му досетливи пораки.“





