„Наместо содржини за зближување и пријателство, Бугарската национална телевизија (БНТ) веќе една година емитува програми, во кои отворено се негираат македонскиот народ, неговиот јазик, историја и култура. Тоа покажува дека основната интенција на Бугарија е медиумски да ја шири старата живковистичка пропаганда ‘еден народ во две држави“ – вели весникот „Нова Македонија“ во својот коментар со наслов „Пропагандата станува најбрутално оружје“.
„Има ли ‘стоп’“ за дезинформациите на Бугарската национална телевизија (БНТ)?
„Нова Македонија“ пишува: „Поради можните последици од агресивната медиумска војна и сѐ поголемата тешкотија, па и неможност да се направи разлика на тоа што значи пропаганда и ширење дезинформации, а што е факт и вистинска информација во врска со конфликтот во Украина, македонската влада, координирајќи се со препораките од сродните институции во ЕУ и усогласувајќи ја надворешната политика со Унијата и со НАТО, пред некој ден упати препорака до кабелските оператори во земјава да го запрат емитувањето на руските телевизиски канали.“
„Но од друга страна, се продолжува да се толерира најжестокиот вид пропаганда и дезинформации, што ги пласира Бугарската национална телевизија (БНТ) во Македонија. Во исто време бугарските кабелски оператори и натаму одбиваат да ја реемитуваат Македонската телевизија во бугарскиот етер, иако тоа беше дел од заедничкиот договор за размена на телевизиски содржини, чија основна цел беше двата народа подобро да се запознаат и зближат.“
„Јавноста се прашува: зошто цела година во македонскиот етер се толерира најдолна пропаганда пласирана од БНТ, наместо да се преземат идентични чекори за спречување на ваквата негативна кампања, која бугарската државна телевизија ја води кон земјава и која директно може да се одрази врз внатрешните односи и стабилноста на државата?“
„Сите институции се прогласија за ненадлежни во врска со содржините, што се емитуваат на БНТ, со образложение дека не можат да исклучат странски канал ако не е прекршен законот. ‘Странски канал може да се исклучи кај нас само кога се повикува на војна, нарушување на уставен поредок итн. Само во таков случај државата може да исклучи странски канал. Во случајот со БНТ тоа е надлежност на регулаторот во Бугарија.’ – појаснува Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, додавајќи дека тие ги следат содржините на оние телевизиски канали, за кои тие издале дозвола, но не и странските.“
Според Виктор Грозданов, добар познавач на медиумската сфера, Македонија има механизми да го спречи ширењето на бугарската пропаганда со едноставно исклучување на каналот, ако сака да го направи тоа. ‘Ако сака, државата може да најде законска основа за оправдување за можен таков потег и да каже дека со содржините, што се емитуваат на оваа телевизија се нарушува уставниот поредок на земјава и се омаловажуваат македонскиот народ и неговиот јазик.’ – вели Грозданов.“
Интернет-врска до целиот коментар:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/propagandata-stanuva-najbrutalno-oruzhje/





