НМ: Чудни билборди во Тетово!

„И додека претседателката на Косово, но пред некое време и премиерот на Албанија, Еди Рама, беа пречекувани со билборди на кои им се посакуваше „добре дојде претседателке“ или „добре дојде премиере“, македонските претседатели што во повеќе наврати го посетувале Тетово повеќе биле третирани како „неканети гости“.



За нив никогаш низ градот не осамнале билборди со пораки за добредојде, туку скромно ќе беше поставено понекое државно знаме само по дел од улиците каде што се движел претседателот, сето тоа редовно зачинето со несразмерно многу етнички (читај државни) албански знамиња како начин за означување нечија територија“, пишува објави „Нова Македонија“ под наслов „Чија претседателка пречекува тетовскиот градоначалник“на авторот Сашон Таневски.

„Во пресрет на нејзината денешна посета на Тетово, градот под Шара уште во текот на вчерашниот ден осамна со повеќе билборди со ликот на Османи и краток текст „Добре дојде претседателке“, сето тоа под грбот на Општина Тетово.

Ваквиот потег на локалната самоуправа наметнува неколку дилеми на кои граѓаните бараат одговор, почнувајќи од тоа чија претседателка е Османи, на што се трошат парите на тетовските даночни обврзници и дали еднаков третман имаат и другите функционери што го посетуваат Тетово, почнувајќи од македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Имено, билбордот со текст „Добре дојде претседателке“ не прецизира чија претседателка е Вјоса Османи, дали на тетовци или, пак, на соседна држава чие име воопшто не се споменува на билбордот. Во време кога постојано се наметнува албанската етничка агенда во земјава, пораката на билбордот може да добие и поинаква големодржавна конотација, особено по изјавите од типот дека „Тетово е главниот албански град во Македонија“… пишува Таневски.