„Негирањето на постоењето на Македонците како малцинство во Бугарија, всушност е негирање на постоењето на Македонците и во државата Македонија и притисок за признавање на „бугарските корени“, е констатацијата во анализа објавена во денешна „Нова Македонија“.



Како што од Македонија постојано некој од соседите бара гаранции дека нема територијални претензии спрема нив, исто така, спротивно на сите меѓународни конвенции за човекови права, во разни пригоди таа е принудена да се откажува од интересот за Македонците надвор од нејзините државни граници.

По секое споменување на реалноста на постоењето на македонското малцинство во нивните земји, соседите како Бугарија (и Грција) обвинуваат за мешање во нивните внатрешни работи. Иронично, но менувајќи ја стратегијата за да го оправда своето вето за македонските евроинтеграции, Бугарија пак се сети да конструира бугарско малцинство во Македонија, за кое сега бара „место“ во македонскиот устав.

„Бугарската логика е – нема Македонци во Бугарија, затоа што и Македонците во Македонија се всушност „заведени Бугари“, а македонската нација треба да се „ребугаризира“. „Непостоењето“, пак, на посебна нација во одредена држава, според бугарската логика ја прави легитимна цел за територијални претензии, уште повеќе што тие се издигнати на ниво на историско-национална фикција и фрустрација во Бугарија.

Тоа е целата суштина на списокот на услови во т.н. план 5+1, сега наводно сведен на 4+1. И затоа е постојаното инсистирање Македонија да дава гаранции за немање територијални претензии и јавно откажување на владини претставници од македонското малцинство“.