(…)
Гледано од македонска перспектива, повикувањето на меѓународното право од страна на земјите што ја претставуваат западната демократија, (со кои сме и сојузници во НАТО и не се откажуваме од идејата да бидеме заедно и во ЕУ…) за руско-украинскиот конфликт, не може да се пренебрегне чувството за неправеден третман на Македонија од истата таа меѓународна заедница, во однос на нејзините децениски предизвици токму со она што ѝ припаѓа според истите утврдени цивилизациски принципи – пишува Јасминка Павловска во колумна за „Нова Македонија“.
„Од почетоците на нејзината независност, од 1991 година, се чини дека за Македонија повеќе се применува опачината на меѓународното право.
Кога станува збор за афирмацијата на Македонија во меѓународните односи, се чини дека основните принципи на меѓународното право за рамноправност, самоопределување, себеименување, еднаква сувереност… пропаѓаат и се губат низ скинатата постава на демократската „наметка“ од која сите би требало да имаат право на заштита од неправди.
Не само што замижувала и не реагира(ла) меѓународната заедница кога, од страна на соседите, Македонија е (била) негирана, уценувана со барања што се во директна спротивност со принципите на меѓународното право туку често не ги почитува и ги „поттурнува под черга“ одлуките на своите авторитетни институции.
Игнорирајќи ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, орган на ОН, за прекршување на Привремената спогодба од страна на Грција за да не ја попречува Македонија во зачленување во меѓународни организации, меѓународната заедница си го одзема адутот за принципиелност во повикувањето на меѓународното право, како и кредибилноста при осуда на други државни субјекти кога ги дерогираат неговите принципи.
Авторката вели дека „подолг е списокот на „гревовите“ од меѓународната заедница спрема Македонија со примената на двојните стандарди, кога станува збор за почитување на меѓународното право…
„Менувањето на уставното име на Македонија, со спогодба што сериозно ги загрозува македонскиот национален идентитет, просторно и временски се ограничува неговото постоење, се игнорираа малцинските права на Македонците што живеат надвор од границите на државата…, за меѓународната заедница денес претставува успешен проект, со кој е надминат деценискиот спор со Грција и се создадени услови за прием на земјата во НАТО. Сепак, реалноста ја демантира перцепцијата што сака да се наметне за успешноста на меѓународната заедница во решавањето спорови, во интерес на поголеми геополитички цели, па макар и по цена на игнорирање и прекршување на меѓународното право“.
(…)
Колку и да изгледаат неважно интересите и судбините на малите народи, т.н. „мали играчи“ во големата геополитика, кршењето на нивните права, кога-тогаш им се удира од глава на „големите играчи“. Геополитичките интереси во руско-украинскиот конфликт не смеат да бидат оправдување за игнорирање на правата на народите од другиот дел од светот.
И Македонија има право на меѓународното право!







