Ново истражување покажа дека Њујорк постепено тоне, делумно поради тежината на облакодерите кои ја сочинуваат неговата позната бетонска џунгла.
Геолозите пресметале дека повеќе од еден милион згради во Њујорк заедно создаваат маса од 762 милиони тони притисок на земјата, пренесуваат медиуми.
Експертите заклучија дека поради тоа градот тоне со просечна стапка од еден до два милиметри годишно, а некои делови од градот изградени на помеки карпи или на вештачки насипи тонат и до четири и пол милиметри годишно.
Но, намалувањето на бројот на облакодери нема да го реши проблемот, изјави водечкиот автор на студијата Том Парсонс за АФП.
„Примарната причина за слегнување во Њујорк и долж поголемиот дел од источниот брег е тектонска и не може да се запре“, рече геофизичар од Геолошкиот институт на САД.
Слегнувањето на земјиштето ќе го влоши влијанието на порастот на нивото на морето предизвикано од затоплувањето и топењето на глечерите. Организацијата Sea Level Rise вели дека нивото на водата околу Њујорк е за 22,5 сантиметри повисоко отколку во 1950 година. Градските власти предвидуваат дека околните води до 2050 година би можеле да се искачат до 75 сантиметри.
Парсонс рече дека е невозможно да се каже кога
и делови од Њујорк ќе бидат под вода, но тој тврди дека тоа ќе се случи. „Премногу е тешко да се предвиди дури и приближно време. Стапката со која градот тоне е релативно стабилна, но прогнозите за пораст на нивото на морето се неизвесни и зависат од идните стапки на емисии на стакленички гасови“, рече тој за АФП.







