На граничниот премин Табановце, на влез во земјава, беше поставен првата табла за „Зелена лента за Отворен Балкан“ што е еден од првите проекти на иницијативата за побрз проток на стоки, услуги, луѓе и капитал, информираат од Владата.



Најважната придобивка од Зелената лента за компаниите и транспортерите, како и за овластените економски оператори од Отворен Балкан е намалување на времето на чекање на граничните премини.

Тоа е овозможено преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли.

Со визуелното обележување на Зелената лента за Отворен Балкан, Царинската управа ги упатува транспортерите кон полесно движење на стоките и намалување на трошоците за извоз и увоз.

Следната недела вакви обележја ќе бидат поставени и на граничниот премин Ќафасан при влез во Северна Македонија, а потоа истото ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од Северна Македонија во тие две држави.

Ова е значајна придобивка за компаниите од трите земји кои побрзо и поефикасно можат да ја пласираат својата роба, стои во соопштението на Владата.