Ветено-сторено. Ветија „живот во Македонија за сите“ и – го исполнија ветувањето. Само што кога лажеа пред избори не прецизираа дека под „сите“ мислеле на себе и на своите најблиски, пред сè, деца.
Актуелната експлозија од непотизам во правосудството е само надоврзување по инерција на таквиот бран што претходно заплисна други државни институции и јавни претпријатија од истите лицемери, кои божем се бореа против некаков си режим, а во суштина за личниот интерес. Синови и ќерки на политичари и на функционери од власта се насадија во удобните фотелји со амин од нивните родители, кои уште и убедуваат дека и нивните деца имале право на државна плата?!
На Талат Џафери, на пример, му е нормално тоа што, додека тој спикеросува со Собранието, ќерка му се вработи во Електрани на Македонија, а син му станува јавен обвинител откако положил правосуден испит пред да дипломира?! И никој не му е ни до малиот прст, уште ќе си земе право да порача некогашниот самопрогласен борец за човекови права. На своите деца…
Богами, никој не им е ни до малиот прст на „господата“ од ДУИ, кои само ги проширија и ги надградија стандардите поставени од владините партнери од СДСМ и коалицијата. Само нивните деца се предодредени за „клати врата, земај плата“. Оти пиеле млеко од шарената крава. Најубави се, најпаметни, најнапредни. Толку ги бидува што мама и тато не можат да дочекаат тие да станат полнолетни, за веднаш да ги вдомат на државни јасли.
Сите други деца во жална Македонија, чии родители „не се снашле“, треба да се помират со тоа дека, едноставно, не се од „големото добро утро“. Нивниот избор е, или да им робуваат на овие од владејачката каста, или со време да си го фатат патот за џенем оттука.
И нека не берат гајле, најдоа замена и за нив. Буџетот од кој цицаат привилегираните наследници на пијавициве на власт ќе го полни подмладокот од соседните земји преку „Отворен Балкан“. Ако ни тоа не е доволно, ќе прават Македонци од Сиријци, Авганистанци, Суданци, Либијци и други несреќници во потрага по парче леб.
Може(ше) да биде и сосем поинаку, ако толку споменуваните сојузници на Нашата Земја не ги затвораат очите пред тоа што кај нив е незамисливо и ѝ дадат конкретна поддршка на борбата со корупцијата, како неодамна околу нелегалниот наркобизнис. Освен ако, вакви корумпирани до бесвест, несреќиве не (им) се најдат за уште некоја отстапка од Македонија, која во нормални околности не би поминала ни под разно.
Во меѓувреме, нивните деца и понатаму ќе им фаќаат сеир (и добро платени работни места на државно) на нашите деца, туркајќи ги таму каде што, по сопствено признание, и Пендаровски би заминал ако не беше претседател. А децата на нивните деца утре и самите ќе имаат деца за згрижување. И така во недоглед. Додека не остане ни М од Македонија, а камоли од функционална држава.





