Нивичките деца бегалци и плебисцитот за името – пишува Горан Момироски

За најголемиот дел од македонските граѓани селото Нивици (на грчки Псарадес), во грчкиот дел од Преспа означува само место во Грција каде што денеска беше потпишан договорот за името.



Но за двајца македонски граѓани, брат и сестра, Нивици не е само место каде што грчко – македонските односи добиваат нова димензија туку место кое што ја одредила нивната судбина.

Помалиот член но овој братско – сестрински двоец е родена во август 1946 година. Во селото живеела до својата двегодишна возраст кога морала да замине по поразот на Демократската Армија на Грција во граѓанската војна во оваа земја.

На селото се сеќава само преку разговорите, за големата куќа на нејзиното семејство, за стоката, за оставениот имот кој што сега го поседуваат луѓе што никогаш немала прилика да ги запознае.

Никогаш не успеала да се врати во родната куќа.

Согласно грчкиот закон за државјанство од 1981 година таа како Македонка односно “негрк” не можела да се врати во Нивици затоа што не можела воопшто да влезе во Грција.

Сега на поодминати години не размислува за посета на селото во кое проодела, а нема ни желба да се потсетува на детските трауми кои најинтензивно ги доживувала преку приказните и солзите на нејзината мајка. Татко си никогаш не го запознала. Тој е убиен од страна на грчките фашисти на непозната локација на планината Грамос или Вич.

Нејзиниот пет години постар брат е татко на еден од најзначајните македонски уметници во моментов.

И тој не сака да зборува јавно за сеќавањата на селото што морал набрзина да го напушти десетина дена по одржувањето на вториот конгрес на антифашистичкиот Народно ослободителен фронт кој пред крајот на граѓанската војна се одржал токму во неговото село.

Регионот на Долна Преспа била последниот грчки регион во кој имало организирана партизанска власт раководена од македонските единици на ДАГ.

По одлуката на Тито да ја прекине помошта за грчкото комунистичко движење, македонските партизани заедно со 27 илјади деца и членови на нивните семејства биле евакуирани во земји зад железната завеса, Југославија а во Македонија биле сместени во Скопје, Велес, Тетово, Гостивар , Дебар и други градови.

Секое споменување на Нивици за двајцата херои на оваа кратка приказна, чии потомци не сакаат да им се спомнува името за да не се возбудуваат, е двојна болка.

Една поврзана со напуштената семејна куќа и имот каде со векови живееле нивните претци.

И втората болка, поврзана со немоќта на најголемиот број нивни сограѓани да го разберат егзодусот на невини луѓе за кои ниту една грчка влада, вклучувајќи ја и оваа на СИРИЗА и Ципрас никогаш не се извиниле.

А нивното село Нивици од денеска по 70 години празнина секојдневно ќе биде присутно во медиумите, да ги потсетува на нивната трагична судбина во која никогаш не можеле да бидат сосема свои на своето.

Договорот од Нивици за Македонија означува уште еден потенцијален момент на поделби.

За најголем дел од Македонците низ светот и во земјата ќе биде доживеан како една од најголемите национални трагедии.

За голема група луѓе тоа е добра можност да се тргне напред преку компромис со уставните, асномските, човечките принципи кои според нив треба да се жртвуваат за добробит на идните генерации.

Обврска на владата и на сите политички фактори во судирот што од денеска ќе започне меѓу тие што се за и тие што се против успешен референдум е да се елиминираат омразата и ефтините манипулации. И притоа јасно да се потенцира дека Македонија во историјата имала и потешки моменти и секогаш со мудрост испливувала од нив.

За тоа да се повтори земјата мора достоинствено да одлучи за својата иднина и решението што ќе го донесат граѓаните на референдум мора да биде прифатено без обвинувања, подметнувања и реваншизам.

Лажните поделби на антиевропејци и проевропејци не смеат да се случат.

Не смее никому да му се одземе правото на свој начин да се бори за Македонија или за Северна Македонија.

Одлуката мора да биде донесена врз база на аргументи и анализа а не врз чувства и стравови.

А сите инволвирани да знаат дека држава не се станува ниту растура со еден референдумски или пратенички глас.

Аирлија кампања за референдум!

П.С. Двајцата херои во оваа приказна на народниот плебисцит како што тоа неретко се случува во македонската историја, ќе се најдат на различни страни од јавниот судир. И заради нив тој мора да помине достоинствено. Или никогаш веќе нема да имаме шанса за достоинство.