Ниските откупни цени остануваат главен проблем на земјоделците

Ниските откупни цени, но и високите давачки кон земјоделците остануваат главниот проблем со кој се соочуваат од секторот. Како што рекоа од Националната федерација на фармери, посебно го анализирале производството и продажбата на домашните производи кои многу тешко опстанувале поради лошите временски непогоди, објави Алфа. Капак на се, велат, е тоа што земјоделци речиси нема ни за лек, а оние што ги има работат од утро до мрак за да се прехранат, а дел од родот го продаваат на откупните центри, каде цените со години се исти.



  • Апелираме најбрзо да се направи стратегија за справување со климатските промени во земјоделството, кои се реалност повеќе од една деценија и во иднина ќе прават огромни штети, пласманот и ниските откупни цени на земјоделските производи и натаму се проблем број еден. Затоа, уште еднаш го нагласуваме барањето да се почитува Законот за земјоделство во делот на навременото склучување договори и нивно почитување од двете страни. Посебен апел упатуваме до Владата и надлежните институции да покажат поголема сериозност – напомена претседателка на НФФ, Васка Мојсовска.

Покрај намаленото домашно производство, земјоделците велат дека земјава полека станува земја зависна од увоз. За овој лош тренд да не стане уште полош, но и пред се да се задржат помладите земјоделци, државата мора сериозно да поработи на инфраструктурата, кој тоне од ден во ден.

Како што истакнаа од овој сектор, голем проблем во земјоделството претставува немањето на сезонска работна сила, како и големата миграција која е тренд кај младите и негативните влијанија на климатските промени кои што прават големи штети во сите земјоделски сектори.