Ништо од раст на платите во здравството, ќе видиме по избори, вели новиот министер кој дојде на местото на Меџити, кого присилно го разреши новиот технички премиер. Здравствените работници ќе треба да чекаат формирање на нова Влада по изборите, за да го добијат покачувањето на платите кое им го вети поранешниот Министер за здравство Фатмир Меџити. Новиот министер Илир Демири кажа дека не го потпишал анексот на колективниот договор. Причина – на Меџити зголемувањето на платите било само ветување, без да се направи подготовка за тоа.

- Тоа е повеќе кажано како ветување, а не е исполнет критериумот. Остануваме должни дали јас или идниот Министер за здравство тој договор мора да помине процедура, Министерството за финансии, да се обезбеди финансиска конструкција и да се потпише по изборите. Здравствените работници и синдикатот се информирани дека не е спроведена процедурата, кажа Илир Демири новиот министер за здравство.
И ветувањето за вработување на 1.117 здравствени работници кои со години работеле со договор на дело, останува да биде исполнето по изборите. Во меѓувреме договорите на дело се продолжени за 3 месеци, а поради претстојните избори сите конкурси се стопирани. Во однос на огласот за вработување во гостиварската болница каде беа примени 20 вработени, сите од албанска националност , Демири кажа дека испратил Комисија за да се провери дали имало некакви неправилности. Демири е Министер за здравство веќе 3 дена, но нема направено примопредавање со Меџити, ниту пак поранешниот министер му честитал за новата фукција.





