Ништо од бизнисот со „ДУИнг бизнис“ – Пишува Роберт Димитриевски

Се враќа ли Демократската унија за интеграција на своите изворни „принципи“ или никогаш не се ни оддалечила од нив? Насилството како метод за остварување на целите го користеа уште во 2001 година, кога тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, ги нарече разбојници, ладнокрвни убијци и терористи. Денес, пак, на функционерите од политичкото крило на некогашната Ослободителна национална армија (ОНА) „оружје“ им се шолји и тацни за кафе, но и пцости, и вербални закани.



На шефот на собраниската Комисија за европски прашања и поранешен министер за образование и наука Арбр Адеми малку му беа пцостите кон опозицијата, па си дозволи и да фрла предмети кон пратениците. Наместо осуда, државниот секретар за култура Валмир Азири со поддршка за сопартиецот и со порака дека „новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги понижат Албанците“.

Членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, пак, се нафрли со пцости и со закани на новинарка на Телма поради незгодно прашање. Истиот тој што пред две години физички нападна сограѓанин, кој дополнително се „освести“ и го смени исказот како полицајката што „се удри“ од возилото-пајак кај „Мавровка“.

Кога на ова ќе се додадат неодамнешните навреди од парламентарниот спикер Талат Џафери до собраниското обезбедување или хулиганизмот на „првиот вицепремиер“ Артан Груби пред некоја година на Кале како водач на „шверцерите“, се комплетира сликата за воинственоста на првенците на ДУИ.

И со такви потоа ќе се надеваш дека државата ќе тргне напред и оти Македонија ќе стане пристојно место за живеење?! Мало сутра, што би рекол нивниот вечен должник Зоран Заев, кој без нив никогаш немаше да стане премиер, а подоцна и еден од најомразените ликови во македонската историја.

ДУИ е сидрото што влече напред, што би рекол несудениот нобеловец од Муртино. А толку силно влече напред, што одамна го проби – дното.

Клиентелизмот ѝ е најсилното оружје. Армија од десетици илјади корисници на привилегии од државата – од вработувања до тендери – ѝ должат за тоа на партијата на Ахмети, оддолжувајќи ѝ се на избори. Од друга страна, многу Македонци-муслимани и Роми се жалат на притисоци, закани и уцени за својот глас од интегративците, како и на пописите.

Злоупотребата на поддршката од центри на моќ однадвор, чии агенди беспоговорно ги спроведуваат за сметка на интересот на своите сограѓани, посебно на Македонците, е уште една алатка во нивните раце. Пет пари не даваат за чувствата на поинаквите од себе, па дури ни за прочуената албанска беса, која ја погазија со откажувањето да прават влада со ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, иако самите претходно инсистираа за правилото за коалицирање на победникот во македонскиот и во албанскиот политички блок.

И, кој е лекот за оваа рак-рана на македонската држава и општество, како што ја дијагностицираа некои? Коалицијата „За обнова на Македонија“ и опозициските партии на Албанците немаат друга алтернатива против ДУИ освен да ги здружат силите, ако треба и предизборно. БЕСА веќе подаде рака „за поширока опозициска соработка, политичка и социјална, да се организираат протести до уривање на оваа власт“.

На Македонците, на Албанците и на сите други што живеат во оваа држава им е смачено од неспособноста, расипништвото и од корумпираноста на власта, во која ДУИ партиципира речиси „фифти-фифти“. Преку глава им е од патетичното глумење жртви од насилниците и од водењето на државата во економски и во енергетски амбис од погрешните лица на вистински места, чиј најголем „квалитет“ е партиската припадност.

По 20 години пеплосување на сè што ќе им падне в рака од централните, јавните или локалните институции, крајно време е да им се покаже патот кон буништето на историјата. Шансите на оваа земја да се „оправи“ се обратнопропорционални од нивните да се дел од власта во жална Македонија одново и одново.