Бугарската вонпарламентарна партија ВМРО-БНД за денеска во 11 часот закажа протест пред спомен-плочата кај клучката за селото Сенокос, по Жиленци, ќустендилско, на кој во пресрет на утрешната двегодишнина од симнувањето на ветото од Бугарија за Македонија ќе побара негово враќање.
Под мотото „Ништо не е заборавено! Ништо не е простено!“, партијата чиј копретседател е европратеникот Ангел Џамбаски порача дека немало да дозвли ново „национално предавство“ како тоа што го направило 47. Народно собрание на Бугарија на 24 јуни 2022 година.
„Државната политика достигна крајности, како што е затворањето на бугарските културни центри во Битола, Охрид и Скопје. Говорот на омраза од другата страна на границата доби монструозни размери. Манипулацијата се вовлече до горните катови и во Брисел со план да се пренапише т.н. Француски предлог и обид да се отстранат од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ сите бугарски услови содржани во него – т.н. Компромис 18 или попознат како ‘Скопјегејт’.
Сето ова ни покажува само едно – тие што се залагаат за непринципиелно и хистерично влегување на РС Македонија во ЕУ нема да застанат пред ништо. За нив националниот идеал и историската вистина се само голи фрази. Станува збор за слуги на туѓи интереси – слуги на странски амбасади.
Ние од ВМРО повеќе нема да дозволиме ова национално предавство направено од 47. НА да продолжи да ги шири своите отровни пипала“, стои во соопштението на партијата што имаше вицепремиер и министер за одбрана во нејзиниот почесен претседател Красимир Каракачанов.






