„По изборите во 2024 година, ако новата власт целосно не ги промени досегашните апсолутно погрешни политики, бришењето на македонизмот и конечното затворање на „Македонското прашање“ ќе бидат неизбежни, многу брзо. Време за губење веќе нема. Мора веднаш да се започне со откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија и со ревизија на договорот од Нивици. Македонија нема друг излез. Само на тој начин ќе стане неупотреблива и преговарачката рамка на ЕУ, за нас погубна.“ – вели политичкиот налитичар и поранешен амбасадор Ристо Никовски во својата колумна со наслов „Бујар Османи ја потпиша согласноста за менување на Уставот“, која ја објави информативниот портал „Плус инфо“.
Покрај другото, Никовски ппишува: На 17 јули 2022 година Бујар Османи го потпиша вториот протокол со Бугарија, којшто е предавнички. Со него е прифатена уцената на Софија да го менуваме Уставот и се дадени незамисливи концесии, со коишто се доведуваат во прашање темелите на македонизмот. За да се прикрие нашата капитулација, овој протокол е наречен „француски предлог“. Тоа е чиста измислица. Османи ги прифати сите бугарски фантазмагории и бесмислици, без никаков надомест од нивна страна. Французите како претседавачи со ЕУ беа само носители на жестокиот притисок врз Македонија, за да ги прифати бесрамните бугарски уцени.
Целта беше јасна. Прво, да се избегне понатамошно изложување на Бугарија, како носител на блокадата на Македонија. Второ, да се продлабочат поделбите во земјава. Трето, да се спречи или, барем, намали притисокот за проширување на ЕУ. Франција и Макрон се најжестоки противници на проширувањето на Унијата и најмногу им одговара кога земјите кандидати самите се дискредитираат (Македонија со Уставот) или кога некои други членки (Холандија, Данска…) ги блокираат, ама врз принципиелна основа – за реформите.
Со наш понижувачки и парадоксален потег проблемот со напредувањето на Македонија кон ЕУ ни го префрлија нам. Наша главна тема стана – промената на Уставот. Врз таа налудничавост започнаа нови раслојувања во македонското општество и на меѓуетнички план со нови длабоки поделби меѓу Македонците. Двете појави се крајно загрижувачки, ама воопшто не се случајно предизвикани. Тие треба да бидат само нов „доказ“ за Вашингтон и Брисел дека државата нема иднина и е крајно време да се рекомпонира. Поточно, да се албано-бугаризира.
Крајната цел на американските политики кон Македонија по распадот на Југославија е конечно затворање на „Македонското прашање“. Доказите за тоа се многубројни и воопшто нема аргументи за нивно релативизирање. Во пракса тоа значи бугаризација на Македонците и од нивната држава создавање некаков бугарско – албански амалгам во истите граници. Тие не смеат да се менуваат, бидејќи тоа ќе значи нова балканска војна, можеби и многу поширока.
Повеќе од 30 години маневарскиот простор на македонизмот е постојано и систематски стеснуван, за да се доведе во безизлезна ситуација. Сега сме токму таму. Иднината на државата е запечатена со катастрофалната преговарачка рамка за членство во ЕУ. Со неа Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Тоа е доволен предизвик за длабински и суштински промени на нашето дипломатско однесување, коишто се максимално итни и не смеат да се одложуваат.
Крајно време е сите релевантни политички фактори во државава да сфатат што ни се случува и кои се плановите на главните светски фактори. Тоа е основен предуслов за да се започне со радикални промени во нашата надворешна политика. Тоа е единствен начин да се променат сегашните тенденции, коишто се погубни за Македонците.
Власта го лаже народот. Веќе подолго време и, нагласено, по вториот протокол со Бугарија, народот се манипулира само со промена на Уставот, без да се прават било какви реформи. Тоа е само нов доказ дека политичкиот врв во земјава го следи диктатот на странците, коишто и ги доведоа на власт, на сметка на фундаменталните интереси на македонскиот народ.
По изборите во 2024 година, ако новата власт целосно не ги промени досегашните апсолутно погрешни политики, бришењето на македонизмот и дефинитивното затворање на „Македонското прашање“ ќе бидат неизбежни, многу брзо. Време за губење веќе нема. Мора веднаш да се започне со откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија и ревизија на договорот од Нивици. Македонија нема друг излез. Само на тој начин ќе стане неупотреблива и преговарачката рамка на ЕУ, за нас погубна.
Во дадените услови, кога се бришат Македонците, и Албанците во земјава тргнаа во невидена национално – шовинистичка офанзива. Тие веќе не ги кријат плановите за Голема Албанија. Музејот во Сопот е нова потврда за нивните амбиции, коишто се целосно поддржани од Вашингтон. Говорот на Ахмети дека Албанците се господари на Македонија е нова илустрација.
Градоначалникот Касами го дочека премиерот на Косово Курти со „Добредојде во Албанија“! Што треба повеќе? Касами официјално да прогласи дека Тетово е во Албанија? Во Сопот пред музејот и во него имаше мапа на Голема Албанија, со делови од Македонија, Србија, Црна Гора и Грција. Позицијата во власта на премиерот Ковачевски му зависи од ДУИ и од Ахмети и тој мора да се прави недоветен кога тие ги реализираат своите добро осмислени големоалбански потези. Али Ахмети во 2001-та сакаше да ја разбива Македонија. Денес место половина ја сакаат цела Македонија.
Мора да се направат сериозни промени и на внатрешно политички план, за да се излезе од маѓепсаниот круг, во којшто сме доведени и заради своите глупости и предавнички политики. Македонците се мнозинство во државава и тие мора да седнат заедно и да се договорат барем за минималните црвени линии, коишто се неопходни за одбрана на македонизмот, којшто е сериозно загрозен. Не смее 20-тина пратеници на Албанците од земјава, да ги надгласуваат 100-тината македонски. Основно правило на демократијата е владеење на мнозинството, во рамки на меѓународната пракса, и тоа мора да важи и за Македонија.
Следната 2024 година ќе биде по многу што критична за Македонија. Изборите се шанса којашто не смее да се пропушти. Ако не се искористи, тешко дека ќе има нова можност за спас на македонизмот. Здравите опозициски сили мора да добијат преку 60 пратеници. Без тоа нема да ни има спас.





