Никовски прашува: Кого лаже Борел?

Ако навистина „нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ“ – зошто, и како му паднало на памет на Борел да спомнува идентитет? Од каде таква идеја? За такво нешто не се разговара во ЕУ!

Жосеп Борел е висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, што би рекле министер за надворешни работи и потпретседател на Европската комисија, или – заменик премиер на европската влада. Човек од самиот врв на ЕУ. Ете, тој Борел, заедно со министерот (комесар) за соседство и проширување, Оливер Вархеји, неодамна (март, 2023), беа службено во Македонија.



Интересот за гостите беше голем, а тие не се воздржуваа од изјави, со кои врз Македонија се врши жесток притисок за итно менување на Уставот, филуван со обиди за заплашување и манипулација, со очигледни блефови и директни измами.

Главната порака на Борел беше – „Не е реално да очекувате дека ќе се создаде можност за повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка. Тоа е најдобра зделка којашто можете да ја добиете“. Следуваше – „земјата треба да продолжи да оди напред, а тоа значи и да ги подобри односите со соседите и да создаде услови за усвојување на уставните измени“. Нѐ потсети дека – „Македонија се обврза дека ќе го промени својот Устав и во него ќе ги вклучи граѓаните… кои се дел од други народи, како што се Бугарите“. За да нѐ утеши, пак, ја спомна Хрватска – „каде (демек, во Уставот) има најмалку 22 заедници што живеат во државата“. Борел смета и дека – „оваа година е клучна“ на нашиот пат кон ЕУ. Борел потенцираше дека – „сега е време политичките партии да покажат одговорност“, и нагласи дека – „вашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ“.

Да почнеме од крајот. Ако навистина „нашиот идентитет не е загрозен со пристапувањето во ЕУ“ – зошто, и како му паднало на памет на Борел да спомнува идентитет? Од каде таква идеја? За такво нешто не се разговара во ЕУ! Логично објаснување нема, отколку дека тој е, сепак, тема за која се разговара, а Борел само нѐ залажува, за да не се плашиме. Кога веќе и Борел го спомнува, прашањето мора да е на маса. Како вели народот – кој си ја има мувата на капата…

Нема никаков сомнеж, Борел знае дека нашиот национален идентитет е нападнат и е под закана. Пред година и половина, нели, Софија им испрати официјален меморандум дека, како народ, ние сме измислени од Тито, дека сме биле Бугари до 1944 година, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот… Со други зборови, македонски народ, како таков – не постои, и затоа бараат да бидеме избришани. ЕУ, исто како и ние, го премолчи тој варваризам.

Според функцијата, Борел морал да го чита тој тежок фалсификат. Ако е така, а не е поинаку, тој одлично  знае дека Софија во никој случај нема да ги промени своите ставови. Свесен е за можностите коишто бугарите ги имаат во ЕУ (блокади, уцени, ултиматуми…), за да направат сѐ за да ги елиминираат Македонците. Сигурен во тоа, тој нѐ уверува дека идентитетот не ни е загрозен, а не кажува врз основа на кои факти и аргументи го тврди тоа? Тој не е видовит, ама никој не го спречува да блефира. Следната година му истекува мандатот, и најважно му е да нема бугарска блокада. А разнебитувањето на Македонците, ќе следува потоа.

Уставните измени се следното на што жестоко инсистира Борел. Прво, тој се прави дека нема поим зошто, и со која цел, со брутална уцена тоа го наметнува Бугарија? Второ, го игнорира фактот дека самата промена ние ја прифативме под невиден, силеџиски притисок, со блокада и ултиматум, а не доброволно. Трето, тој се осмелува да не споредува со Хрватска, иако нема претстава за разликите коишто постојат и во двата устави, и во двете земји. Никој не му кажал дека Хрватска и Хрватите не се загрозени од никого. Спомна дека во хрватскиот Устав, на пример, биле – „наброени преку 22 заедници“, без да знае дека со нивниот Устав – „Република Хрватска е национална држава на хрватската нација и држава на нејзините национални малцинства“. После тоа, можеле да набројат и 50 малцинства.

Четврто, Хрватите сами си го пишуваат уставот. Кај нас, пак, особено во последно време, странци го прават тоа. Резултатот е познат: во Преамбулата, којашто ни е наметната, пишува – „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ…“, наредени се уште четири делови од други народи, плус „и други“. Петто, тоа значи дека ова веќе не е национална држава на македонскиот народ и, шесто, дека овде нема малцинства туку делови од други народи, што е сосем друго.

Седмо, според формулациите во нашиот Устав, ако било кој од – „деловите од други народи“, биде на кој било начин, и по било какви критериуми – загрозен, неговата матична држава има јасно право да интервенира (и воено!), за да му помогне! Утре, тоа ќе важи и за Бугарите, ако ги ставиме во иста позиција, а друго решение – нема. Осмо, споредбата на Борел со Хрватска е класично непознавање на работите, чист блеф, тешка измама, и обид македонскиот народ да се доведе во заблуда. Деветто, додека Бугарија не признава ниту вековно македонско малцинство, ние имаме и „делови на други народи“. Чиста глупост. Токму затоа и сме на ова дереџе.

Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/kogo-lazhe-borel/