Никовски: Името и идентитетот ни ги сменија САД, работат на затворањето на „Македонското прашање“, со бришење на македонскиот народ!

„Дали Софија, или Вашингтон сега нѐ тера да внесеме бугарски ‘Тројански коњ’ во Уставот? Кој нè прекрсти и нè разнебити како народ: Атина или Вашингтон? Името и идентитетот не ни ги смени Атина, ниту ќе не докусури Софија. Сè е во директна режија на САД, сите овие 30 и кусур години. Нивната цел е затворање на вековното ‘Македонско прашање’, што е можно само со бришење на Македонците. Тоа и го прават, посветено. Одговорниот во САД за Балканот Габриел Ескобар, прецизно нѐ дефинира: „Северномакедонци сте, и европејци“. Веќе е јасно дека не сме – Македонци.“ – вели поранешниот амбасадор и сега политички аналитичар Ристо Никовски во својата колумна  со наслов „Невиден американски диктат“, која ја објави весникот „Плус инфо“.



Покрај другото, натаму Никовски пишува: За Американците сме недоветни, нè третираат повеќе како обична и неконтролирана територија, отколку како протекторат, а ние не реагираме. Ги сметаме како „стратегиски партнери“.

Деновиве Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД, дојде со јасни пораки за нас: „Имате понуда на маса (промена на Уставот), треба да ја земете, ако не ја земете – ѝ вртите грб на историјата. Ги охрабрувам сите политички лидери да ја земат оваа можност“! Рече дека подобра понуда не може да се очекува, а ако велат – „Имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е“, советуваше да не се залетуваме бидејќи „тоа е личност од  која не би купиле автомобил. НЕ БИ ТРЕБАЛО ДА ГЛАСАТЕ ЗА НИВ…“.

Да се осмелиш да порачаш да не се гласа за опозицијата е бесрамно и безобразно мешање во внатрешните работи. Ние не знаеме што е добро за нас, па, еве, ни дошол просветител! Од каде ли знае О’Брајан дека нема да има подобра понуда? Таа доаѓа од ЕУ, а не од САД. Тој спомна и дека „некои политички структури мислат поинаку, НЕКОИ МОЖЕБИ ДОБИВААТ ПАРИ ОД НЕКОИ МЕСТА, некои имаат легитимни стремежи на малцинското гледиште…“. Тоа е однесување надвор од сите меѓународни норми. Сè заедно, незамислива агресивност.

О’Брајан имал средба и со лидерот на опозицијата, ама во просториите на нивната Амбасада. Тој чин е навредлив и за опозицијата, ама и за државата. Според дипломатските протоколи, ако веќе се сака средба, лидерот на опозицијата не може да се третира како американски приврзок и мора да се оди во нивните простории. Причината, воопшто не е случајна. До сега таму се среќаваа со претставниците на ДУИ. Кога средбата е кај нив, реченото останува тајна. Секако, такви се и пораките за Мицкоски. Нека му ја мисли Македонија.

Неодамна, отворено ни се закани и сенаторот Крис Марфи: „Неспроведувањето на измените во Уставот ќе се одрази врз односите меѓу САД и Македонија“! Објава на војна ли ќе следува? Го подржа и амбасадорката Агелер: „Неговата порака е важна. Ако не се направат тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… што ќе се прашуваат…“.

Не предупреди и Агелер: „Уставните измени да се направат што поскоро“! Од Гостивар нѐ потсети: „Тешко е, но уставните измени се неопходни“. Не објасни зошто е тешко? Дали затоа што повторно треба да капитулираме? На ист начин, „нè тешеа“ и околу договорот од Нивици. И тогаш за нас сè беше тешко, сè додека не нè натераа на капитулација. Испробан метод. Еве како беше порано. Сличноста е – случајна.

На самитот на НАТО во Букурешт во 2008 ни беа поставени ултиматум и уцена: прво промена на името, потоа членство. Тоа важеше и за ЕУ. Ова „решение“ ни го наметнаа САД, и само САД. Никој друг во алијансата не може да донесе таква одлука. Ниту сите други заедно без САД. Овој потег потврдува дека Македонија не беше тогаш примена во НАТО не поради некакво вето на Грција, туку поради ставот на американската администрација. Таа се дистанцира од најавата на претседателот Џорџ Буш дека ќе нè примат, затоа што неговиот мандат набргу завршуваше, а приоритет за САД беше промена на името на Македонија. Постојано се повторуваше уцената: прво името, потоа членство, постојано се повторуваше. Рикер во 2011 кажа: „Решение за името, па покана за НАТО“. Тоа е најдобар доказ дека не нѐ прекрсти Грција, туку САД. Тоа го потврдуваат сите други жестоки притисоци на САД, коишто уследија, вклучувајќи ги и сегашни.

Ова е финалето. Што мислите, зошто САД толку се мачеле за и околу нас – во НАТО, во 2008-та, да не одиме во 2001-та и порано; за реализацијата на Нивици, кога се уништуваше македонизмот во Собранието; околу сегашното дополнување на Уставот со „Тројански коњ“…? За да ни помогнат нам? Сè си има своја цел: се работи за нивните регионални интереси.