„За Македонците од ‘ОМО Илинден – Пирин’ најавата од премиерот Ковачевски за отворање културен центар во Благоевград е добредојдена како гест на поддршка за Македонците во Бугарија. Но, оттаму додаваат и дека досегашното искуство во борбата да бидат признати како Македонци во Бугарија ги предупредува на воздржаност во радоста за добрите вести…“ – се вели во анализата на Јасминка Павловска со наслов „Пиринските Македонци сѐ уште ‘воздржани во радоста за добрите вести“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Културниот центар во Благоевград да биде на Македонците од Бугарија“
Павловска пишува: „Политичките бранувања што ги предизвика отворањето на културниот клуб во Битола, од здружението ‘Ванчо Михајлов’ на македонските граѓани со декларирано бугарско самочувство, не престануваат да удираат со гласни одгласи во ѕидот на македонско-бугарските билатерални односи, но и да предизвикуваат резонанции во внатрешната македонска политичка сцена. Именувањето на културниот центар во Битола според докажаниот соработник на фашизмот и воопшто негативен лик во македонската национална историја, Иван Ванчо Михајлов, во присуство на високи претставници од бугарскиот политички врв, предизвика реакции.“
„Македонската јавност и натаму ги одржува отворени повеќето аспекти на случајот, во кој се препознаваат тенденции за национална провокација. Во така создаден политички амбиент минатата недела, на првата собраниска седница за пратенички прашања по 100-те дена на Владата, предводена од Димитар Ковачевски, пратеничката од опозицијата Рашела Мизрахи, упати пратеничко прашање до премиерот: што мисли да преземе во врска со ‘срамот со отворањето на бугарскиот клуб ’Ванчо Михајлов’ во Битола?’.“
„Планирам да го информирам Кирил Петков дека како Влада годинава имаме намера да отвориме културен центар на Република с. Македонија во Благоевград. Името на центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја. Ќе ве повикам да дојдете со мене на отворањето.’– одговори во Собранието премиерот Ковачевски.“
„Оваа најава на Ковачевски предизвика дилема: дали ваквиот потег има соодветна заемна вредност на намерите (скриени и отворено изразени), што ги пропагира клубот во Битола и кои ја иритираат македонската јавност? Дали намерата за отворање македонски културен центар во Благоевград ќе придонесе соодветно за афирмација на правата на Македонците во Бугарија, чиишто се државјани, но не им се дозволени здружувањето и изразувањето на нивната етничка припадност?“
„Најавата од премиерот на македонската влада за отворање културен центар во Благоевград е добредојдена како гест на поддршка за Македонците во Бугарија. Но досегашното искуство во нашата борба да бидеме признат како Македонци во Бугарија нѐ предупредува на воздржаност во радоста за добрите вести. Веќе постои сличен македонски културен центар во Софија, но тој е нефункционален. Ние, како Македонци во Бугарија, имаме и свои клубови, кои се неофицијални. Ги одржуваме самостојно, зашто немаме законска можност да ги регистрираме. Добредојдена би била секоја поддршка од македонската влада за нашите клубови да можат да функционираат на законски прифатлив начин.’ – вели Стојко Стојков, претседател на ‘ОМО Илинден – Пирин’.“
„Согледано од внатремакедонска перспектива, најавата за македонски културен центар во Благоевград е проценета како несоодветна за културен реципроцитет на клубот во Битола. Според амбасадорот Ристо Никовски, отворањето македонски културни центри во Бугарија треба да се случи според истиот принцип како што беше отворен клубот на оние што се чувствуваат Бугари во Битола, барем во Благоевград и во Сандански. Тоа треба да биде финансирано од македонската Влада исто како што беше сторено и во Битола. Сѐ друго е замачкување очи и играње мајтап со македонскиот народ.’ – вели Никовски.“
Интернет-врска до целата анализа:





