„Уставните измени се само ‘виза’ за еден нареден чекор – меѓувладина конференција. За наредните чекори на список ни се нови барања од Софија со поддршка од ЕУ! Зошто тогаш итаме кон задоволување критериуми, кои значат наше разобличување како македонски народ, кој говори македонски јазик и кој има своја македонска историја?!“ – вели новинарката Јасминка Павловска во анализата со наслов „Кусогледа евроинтеграциска ‘стратегија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Зошто се насочуваме само на почетокот на преговорите, а немаме прегледност за натамошниот тек и завршетокот на целиот процес?
Покрај другото, натаму во анализата се наведува: Откако бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел во неколку наврати кажа дека уставните измени, што Бугарија ги бара од Македонија, не се единствениот услов за македонските евроинтеграции, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обиде да ја демантира Габриел, тврдејќи дека протоколите не се дел од преговарачката рамка и оти е создаден „ѕид за нови бугарски барања со преговарачката рамка“. „При отворањето и затворањето на поглавјата нема да има прашања поврзани со идентитетските и историски прашања.“ – изјави Османи во врска со предупредувањето на Габриел дека уставните измени не се единствената обврска на Македонија кон Бугарија, преземена со преговарачката рамка.
Зошто се насочуваме само на почетокот на преговорите, без да имаме прегледност за целиот процес? Што ќе остане од Македонците и Македонија до крајот на преговарачкиот процес?!
„Бугарската министерка Габриел е во право дека прашањето на Уставот не е нашата единствена обврска во преговорите со ЕУ. Министерот Османи не зборува вистина за преговарачката кога вели дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Треба да ни биде кристално јасно дека со ваквата преговарачка рамка нема никогаш да влеземе во ЕУ, бидејќи Софија нема да го дозволи тоа. Може да влеземе во ЕУ само ако се согласиме дека сме „неосвестени Бугари“, какви што, според Софија, сме биле до 1945 година, само ако се согласиме дека зборуваме бугарски дијалект, оти историјата ни е заедничка, односно бугарска и слично. Да се надеваме дека такви идиоти сепак нема во државава Македонија.“ – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.





