Николовски: Преговори со ЕУ кога пола влада ќе влезе во ЈО, мониторинг од 5 ЕУ институции

„Тоа што ние го имаме како информација е дека ниту во декември ќе биде, ниту во март, и веќе ќе треба да чекаме следен Извештај. Затоа што ќе има предуслови коишто Македонија не може да ги заврши во тој период. Во најдобар случај ќе имаме датум за датум, односно ќе има предуслови коишто Владата ќе треба да ги реализира и дури потоа би почнале преговори. И да бидам искрен, мислам дека оваа влада на Заев нема капацитет да го направи тоа, затоа што предусловите меѓу другото ќе бидат и пола влада да оди на истрага во Јавното обвинителство, затоа што се имплицирани во аферите Рекет 1 и Рекет 2 коишто се објавени”, рече вчера на Топ Тема Телма потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.



Тој смета дека 5 институции – три од Стразбур и две од Брисел би ја мониторирале и средувале состојбата во правосудсвото и борбата против корупцијата

Николовски најави дека опозицијата сака датум за преговори но сигналите од Брисел се дека земјата ќе добие бројни предуслови, односно „датум за датум“.

Според сигналите Македонија би добила еден вид правосуден борд, исто како што Бугарија во 90-тите години доби валутен борд за да се спаси од финасиски колапс. Тој „правосуден борд“ би бил претставен од пет институции – три од Стразбур и две од Брисел.

„Тие претставници на европските институции би ја средувале државата во делот на правосудсвото и борба против корупцијата, бидејќи за жал иниституциите под притисок на оваа Влада покажаа дека не можат да се носат со тој предизвик. Напротив, видовме сериозна корупција во највисоките институции, вклучувајќи го и СЈО“, рече Николоски.

За разлика од Николовски кој е скептик дек преговорите можат да започнат наскоро Вицепремиерот Османи е оптимист.

„Денеска чувме дека има забелешки на одредени земји членки дали би биле подготвени да се заврши преговарачката рамка, и оваа средба да се одржи во декември или да се одложи за јануари, февруари, март. Но, секогаш зборуваме во контекст дека временските обврзани периоди се веќе започнати”, рече вицепремиерот.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ постојат две пречки за чист датум.

„Има две реалности: едната е дека ЕУ има свои внатрешни предизвици, но втората реалност е дека Владата не ѝ помага на Европската унија да донесе позитивна одлука, напротив ѝ дава аргументи за негативна одлука, со сето тоа што се случува во изминатиот период. Јас сакам да сум оптимист и мислам дека е добро државата да добие датум за почеток на преговори, но сето тоа што го имаме како сигнал досега оди во насока дека би добиле предуслови коишто можевме како драфт да ги видиме во препораката на германскиот Бундестаг, коишто понатаму би биле зацврстени во рамки на Европскиот совет. Дури кога ќе се разлизираат тие предуслови, после тоа ќе се определи датум за почеток на преговори. Во најдобар случај Македонија ќе добие датум за датум“, рече Николоски.