Можноста поради повеќе причини да дојде до смена на челните позиции во МВР и АНБ предизвикало дебата во владеачката СДСМ за наследници на Оливер Спасовски и Виктор Димовски, тврдат извори во СДСМ кои не се согласуваат со начинот на кој партијата ги води процесите во овие сектори.
Еден од главните проблеми и истовремено причина за нивно заминување е тоа што Спасовски и Димовски се уште не можат да добијат безбедносни сертификати од НАТО.
Една година од членството во НАТО двајцата први луѓе на двете главни безбедносни институции во земјава не можат да се пофалат со сертификат за безбедност од страна на алијансата што за многумина е доволна причина за нивно демисионирање.
Дополнително Спасовски и Димовски се соочуваат со жестоки критики поради истекот на информации по кој избегаа повеќе нарко босови кои ги бараше јавната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска.
Фактот што Русковска цела година вршела истрага без да ги информира за операцијата доволно зборува за сериозната ситуација во која се наоѓаат Спасовски и Димовски.
Тоа што акцијата на Русковска не беше доведена до целта откако таа требаше да биде спроведена на терен токму од оперативците на МВР става дополнителен товар за Спасовски.
Сличен товар носи и Димовски за чие поведение за службената белешка на АНБ за Орце Камчев ќе расправа собраниската комисија за контрола на безбедносните служби.
Неговата “српска врска” за која своевремено пишуваше Викиликс е посебен проблем за кој сомнежи имаат и повеќе западни служби.
Во таков контекст главни аспиранти за челните места во МВР и АНБ се вицепремиерот за корупција и криминал кој е и генсек на партијата и екс заменичката министерка за внатрешни работи во техничката влада Славјанка Петровска.
Кој ќе биде министер а кој директор ќе се знае откако дефинитивно ќе се расчистат приказните со Спасовски, кој засега не е подготвен да замине од МВР, и со Димовски кој е свесен дека неговата иднина може да биде само дипломатска и тоа во некоја мала и неважна земја од франкофонската групација или каде што не е потребен англиски јазик.
Засега поголема шанса за МВР има Николовски кој се споменуваше за оваа функција и при бегството на Мијалков. Во тој случај доколку Петровска му докаже на Заев дека не е под целосна контрола на Спасовски може да се надева на челната позиција во Агенцијата за национална безбедност за каде СДСМ и ДУИ засега немаат соодветен кандидат.
Плановите на Николовски и Петровска ќе зависат од партиската поддршка која пак ќе биде попуста доколку и овие двајца не добијат безбедносен сертификат од НАТО.






