Никола до Стевче: Излези од џипот, не можевме да те извадиме од ВМРО-ДПМНЕ каде одеше на ,,баци рака”

Градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски која ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е виновна што ја блокира изградбата на 35 катници на територија на неговата општина доби барање да излезе на улица за да види што реално се случува и како размислуваат граѓаните.



Вториот човек на скопската организација на ВМРО-ДПМНЕ Никола Трајчевски вели дека Јакимовски е урбан терорист кој мора да излезе од џипот во кој се вози за да ја види реалноста.

Трајчевски вели дека Јакимовски кој пред локалните избори не излегувал од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде одел на ,,баци рака” сега нема право да ја напаѓа партијата за блокада на зградите монструми во Карпош затоа што тоа е интерес на сите граѓани.

,,Излези од џипот и прошетај пешки по Прашка да си го видиш ремек-делото, нов член во КЗ треба да измислат за тебе, Урбан Тероризам!
И не спомнувај многу палати, со јажиња не можевме да те извадиме од внатре пред Локални. Секој ден беше на молитва и на баци рака, раат немавме од тебе!”, му порача Трајчевски на Јакимовски.

Предходно Јакимовски го нападна актерот и советник во советот на општина Карпош Роберт Вељановски за поднесените 4000 амандмани со кои е спречено градењето на зградите монструми во Карпош.

,,За жал во Советот на општина Карпош има советници, сезнајковци, кои неуспехот во својата кариера се обидуваат да го компензираат со фрустрации во Советот на општина Карпош. Таков е советникот од ВМРО ДПМНЕ Роберт Вељановски, глумец по занимање кои четири години не глуми а зема плата од државата. Енормното слободно време го компензира со мудрување во општина Карпош. Недоволниот професионален ангажман го надоместува со обидите да се направи експерт дури и за канализации, кажувајќи небулози дека главниот проблем за проектот Алумина била канализацијата со Ф400. Истиот нема поим дека Алумина се наоѓа во непосредна близина на колекторскиот систем кој е Ф700.
Инаку тој кажува дека не верувал никому а посебно на градоначалникот Јакимовски. За градоначалникот Јакимовски е најважно што ја ужива довербата во граѓаните, а овој советник и неговата дружина се познати по тоа што не веруваат никому. Тие не веруваат на Данела Арсовска, не му веруваат на Жозеп Борељ, на Јенс Столтенберг, на Џејмс О’Брајeн, на амбасадорката Анџела Агелер, на претставникот на ЕУ Дејвид Гир, но веруваат само во Мицкоски.
Вербата во овој деструктивен елемент создава впечаток како да овие луѓе се урочени од некоја бајачка, па не веруваат во ниту еден проект во ниту една градба во општина Карпош, и наместо во црква, се крстат и се клањаат само во барокното здание што се вика Бела Палата. Нивната верба е лажниот барок, како што е лажен нивниот патриотизам, како што се лажни нивната борба против криминалот и нивните политики, а белото здание е вистински пример дека се лажни заштитници од бетонизацијата и борци за зелени површини, беспрекорни фолиранти за наводна грижа за граѓаните.
На сите ни е јасно дека нивна единствена грижа е како да се докопаат до власт не бирајќи притоа средства и методи злоупотребувајќи и болни луѓе, злоупотребувајќи и смрт на деца, само да покажат дека тие се вистинските. За среќа сите ние го имаме нивното вистинско лице а тоа е осумкатното бело здание наречено Бела Палата”, стои во нападот на Јакимовски врз ВМРО-ДПМНЕ.