Депресијата е чувство на нерасположение, на сивило, на незаинтересираност и немотивираност. Честопати ја споредуваат со празна темна пештера која е на некој начин асоцијација за празнината и „ништото“ кое го чувствуваат лицата кои се соочуваат со депресија. Тоа е состојба каде лицето се обвинува себе си и постојано наоѓа докази за неговата неодговорност и неспособност за тоа што се случува. Се појавува вина и губење на вербата во себе која е зародиш на тагата и тоа депресивно чувство.
Депресивното лице се повлекува во себе, се запоставува и не се грижи за себе, се јавува пореметување во исхраната и сонот. Како одговор на депресивните мисли и чувства, кај лицето може да се појави самоповредување или самоубиство.

Но, депресијата не е нешто од кое некој треба да се срами, не е знак на лична слабост или состојба која може да се повика. Од друга страна, лицата кои се соочуваат со депресија не можат само да посакаат и да излезат од таа состојба. Потребно е време, труд и работа за да се ослободат од „Сивиот дожд на ужасот“, како што американскиот писател Вилијам Стајрон незаборавно ја нарече депресијата.
Соочувањето со депресија за голем број луѓе би значело прифаќање на некоја промена која се случила во животот, престанување на трагањето кон она што некогаш било, прифаќање на неуспехот да се промени некој или нешто, па затоа најчесто прво се појавува отпор. За да се чувствува лицето подобро, потребно е да се работи со оној дел кон кој се спротивставува и дава отпор. Депресијата можеби сака да ни укаже да го намалиме отпорот и да си дозволиме да ни се случуваат нови, убави и различни искуства.

Никој не избира да се чувствува депресивен, но во нивна ситуација, секој би се чувствувал така. Помогнете им на лицата кои се соочуваат со депресија преку давање љубов, насочувајќи ги кон здрави начини на размислување. Држете ги за рака и свесно нурнете во тежината со нив од која полесно ќе успеете да излезете заедно, тоа е начинот на кој најдобро можете да им помогнете.
Но сепак, дури и во најтешки случаи, депресијата може да се лекува. Секако раниот третман нуди подобри резултати и можност за спречување на повторливите епизоди и нуди можност за учење на нови модели на размислување. Психотерапијата може да биде од различни правци. Еден од нив е семејното советување. Овој правец го третира целото семејство, не само лицето кое се соочува со депресија. Идејата е доколку некој член се соочува со депресија, останатите членови го чувствуваат тоа и некогаш најдобронамерно, без стручно водење на разговор, може да ги влошат работите. Семејната терапија е одлична поради можноста отворено да се разговара за стресот со кој се соочува лицето и да се разговара на теми за кои до тогаш отворено не се разговарало. Студиите кажуваат дека семејната психотерапија може навистина да помогне при лекувањето и подобрувањето на начинот на живот, а притоа да биде усогласена со лековите кои ги прима лицето.
Затоа, доколку познавате некој кој се соочува со депресија или станува збор за вас, ве охрабрувам да побарате психолошка помош и поддршка.

ЈОВАНА ЗАТАРАКОСКА
Лиценциран психолог
Сертифициран системски и семеен советник






