Teшко дека одма ќе оди ставањето крај на мачниот стечај на „Еуростандард“ банка. Собранието на доверители, кое беше закажано за вчера, и со кое требаше тие да донесат одлука за впаричување на имотот на Еуростандард банка, пред се одлука за тоа дали ќе се прифати понудата на единствениот понудувач за купување на зградата на пропаднатата банка во центарот на градот, се одложи, пишува Фактор. Сеуште не се знае кога тоа ќе се одржи, а единствено што се знае е дека доворителите дополнително ќе бидат информирани кога ќе биде новиот датум.

Причина зошто се одложи вчерашното Собрание на доверители е техничката грешка која беше направена при неговото објавување, при што тоа беше најавено како завршно Собрание, но подоцна се испостави дека не е така. Потоа била направена точна најава, но немало доволно законски временски рок за тоа да го видат доверителите, па затоа се констатирало дека е најдобро Собранието да се одложи.
„Се констатира дека огласот за свикување на денешното Собрание е објавен во дневен весник број 72 од 4 април годинава, со оглед дека во огласот објавен во Службен весник, од страна на службите таму, е направена, според Судот, очигледна техничка грешка во објавување на огласот, за што од страна на Судот, на 13 април годинава, е објавен нов оглас, со исправка на веќе објавениот оглас, па со оглед што не е истечен минималниот рок од осум дена за одржување на Собранието, судот констатира дека нема услови за одржување на денешното собрание на доверители, со дневен ред – донесување на одлука во врска со спроведена електронска продажба на недвижниот имот – стечајна маса на должникот објавен во огласот“, се вели во денешната објава од Судот во кој требаше да се одржи Собранието на доверители.
Оттаму објасниле и дека до Судот биле доставени и повеќе писмени барања за кои е потребно постапување од страна на судот и стечајниот управник. Па затоа, од сите овие причини, нагласиле дека Судот дополнително ќе го закаже Собранието, со објавување во дневен печат и Службен весник.
Инаку, од вчерашната објава од судот, се открива и една друга интересна работа, а таа е дека некои штедачи сакаат да си земат и камата за своите влогови од периодот од кога била отворена стечајната постапка врз банката пред две и пол години па се досега. Но, од Судот нагласуваат дека тие не се стечајни доверители, туку се доверители од понизок исплатен ред, и ќе ги добијат овие камати само ако за тоа останат пари од стечајната маса.
„Во судницата се присутни поголема група на штедачи за кои судот смета дека не се доверители, односно се доверители од понизок исплатен ред во овој статус и стадиум на постапката, тие не се стечајни доверители. Доколку има стечајна маса за исплата на побарувања од втор исплатен ред, односно за камата од отворање на стечај до исплата, истите ќе го стекнат статусот на доверители“, се вели во објавата од Судот.
На вчерашното Собрание бил присутен стечајниот управник, Маринко Саздовски, како и неколку доверители, меѓу кои полномошникот на Тиго Фајнанс, потоа адвокатот на Фондот за осигурување на депозити, полномошникот на ФУТУРЕ ЕНЕРЏИ ДИНАМИКС, потоа Коста Костовски лично како претставник на ГОФИ, заедно со адвокатот на таа компанија, потоа полномошници или адвокати на Макпетрол, Мак ИНГ, Фонд на Холокаустот, АД ЕСМ, ЕВН Македонија Електроснабдување, државата преку УЈП и Министерството за труд, Култура АД Скопје, ЕВН АД, ЕВН Хоум и Електродистрибуција, Нова Зои ДОО, доверителот Петар Трајков лично, Прима МК ДОЕЛ, како и доверителот Александар Ристевски.
Инаку, во разговор за Фактор, Коста Костовски веќе реагираше за оваа грешка на судот, нагласувајќи дека стечајната постапка за Еуростандард банка е далеку од тоа да биде во завршна фаза, бидејќи завршно Собрание би требало да се одржи кога целиот имот на банката ќе се впаричи и ќе влезе во стечајната маса, по што ќе се одлучува за распределба на тие пари на доверителите. Имено, на Завршно собрание се врши конечна делба, а за неа е неопходно и целиот имот да е продаден и впарчен, и средствата да се влезени во стечајната маса.
Инаку, сите физички лица кои штеделе во банката, сега се обесштетени со 100 отсто. Од стечајната маса од банката треба да се исплатат уште 8,5 милиони евра, значи тоа се пари кои сеуште ги должи Еуростандард банка во стечај на доверителите. Сеуште обесштетување очекуваат 28 лица кои штеделе со повластени стаки, како и правните лица односно фирмите кои имаа затечени средства во банката. Тие заедно побаруваат уште 520 милиони денари или 8,5 милиони евра. Всушност, на претстојното собрание треба да се исплатат уште 21,5 отсто од овие 8,5 милиони евра. Што значи дека за исплата ќе преостанат уште околу 6,7 милиони евра.
Инаку, Народната банка на Македонија дозволата за работење на Еуростандард банка и ја одзеде точно на 12 август 2020 година, а наредниот ден до судот достави предлог за отворање стечај врз банката. Гувернерката Анита Бежоска Ангеловска, веста за пропаста на банката ја соопшти на вонредна пресконференција, нагласувајќи дека Еуростанд банка не ги исполнила минималните услови за работа. Беше соопштено и дека имало напори за решение на проблемот, но тие не вродиле плод.





