Ниами за исфрлањето термини од Толковниот речник: Ова е „лов на вештерки“

Докторот на филолошки науки Емил Ниами преку својот профил на Фејсбук реагираше на иницијативата на Владата и на МОН за отстранување одредници од Толковниот речник на македонскиот јазик.



„Ви се обраќам како професионалец, научен работник кој сиот свој работен век, односно повеќе од две децении, го посветил на лексикографијата. Ќе бидам кус. Не знам колку сте упатени, но во лексикографските изданија, особено кога станува збор за толковен речник, се одбележуваат сите лексеми кои постојат во јазикот, без оглед на тоа дали се во активна или во пасивна употреба, дали се архаизми, историзми, во кој стилски пласт се употребуваат итн.

Имено, одредниците „циганчи се“, „циганштија“ и „циганштилак“, на кои реагираа одредени здруженија, во речникот се проследени со скратениците „разг.“ и „пејор.“, односно разговорно и пејоратив, со што јасно се определува сегментот на нивната употреба. На овие одредници, како што може да се прочита во медиумите, како непожелни се додадени и други, за кои се бара да бидат исфрлени од речникот.

Одредницата „курва“ е исто така проследена со скратениците „разг.“ и „пејор.“, одредницата „педер“ со „разг“ и „грубо“, одредницата „педераст“ со „грубо“ итн.

Фактот што определени зборови не се општоприфатливи во секојдневната комуникација, не значи дека не постојат и не значи дека не треба да бидат опишани во едно вакво лексикографско издание.

Чинот на исфрлање е чин на цензура, која е категорија забранета со Уставот, згора на тоа што станува збор за сериозен научен и лексикографски труд“, пишува Ниами, според кој ова е „лов на вештерки“, пренесува „Плусинфо“.

Ги охрабрувам колегите кои се автори на овие одредници да не попуштаат и да се спротивстават на ваквиот чин на обесценување на нивниот труд“, реагира Емил Ниами.