Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека заемот од ММФ нема да биде доволен за да го покрие државниот минус, и дека повторно земјава ќе треба да се задолжува и со еврообврзница.
„Кредитната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ (PLL) е во насока да се обезбеди средства по најнизок можен трошок, што воедно е позитивен синал во финансиските пазари. Тоа е признание за нашата економија дека таа е стабилна и засована на здрави макроеконоски фундаменти, бидејќи Фондот ја доделува оваа линија само на здрави економии. Исто така се планира обезбедување на средства и преку наменските проектни кредити од Светска банка и ЕБОР. Сите овие инструменти и линии се многу поповолни извори за финансирање, поевтини од тековните услови на меѓународниот пазар на капитал, на кој веројатно ќе треба да пристапиме со Еврообврзница“, пишува Бесими во вчерашната колумна.
Првично, намерата на власта беше да не се оди на еврообврзница заради растечките камати на пазарите. Според анализите задолжувањето на овој начин би било со камата од 4,5 до 5,5%, а преку ММФ таа би изнесувала само 1%.
Од ММФ според извори на Сител земјава бараше 900 милиони евра за покривање на буџетските потреби, но колку ќе добие се уште е неизвесно.
Не се знае ниту на која сума би била еврообврзницата.







