Ни доаѓа ли од САД “Булдожер дипломат” за референдумот

Телевизијата Алфа објавува дека висок американски дипломат неделава пристигнува во Скопје во обид да помогне при решавање на проблемите околу референдумот.



Телевизија Алфа ексклузивно дознава дека во среда во посета на Македонија доаѓа Метју Палмер, висок претставник на американскиот Стејт Департмент

Веста за доаѓањето на Палмер за Алфа ТВ ја потврдиле дипломатски кругови во Скопје, според кои се очекува Палмер во Скопје да се обиде да помогне при изнаоѓање решение за политичката криза околу референдумот за Преспанскиот договор.

Едно од прашањата кои што се разгледуваат во овој правец е варијантата во која Владата би предложила ново референдумско прашање, различно од тоа што го предложи и изгласа владеачката коалиција, тврдат изворите на Алфа според кои посетата на Палмер е дел од дипломатскиот напор во кој западните партнери на Македонија бараат начин да се намали можноста за бојкот на референдумот кој станува се поизвесен.

Метју Палмер е искусен дипломат професионалец во американскиот Стејт Департмент кој моментално е Директор на Канцеларијата за Југоисточна Европа и одгоцорен за интеграција на кандидатите за членство во НАТО и ЕУ.

Бил близок соработник на екс американската државна секретарка Медлин Олбрајт а го советувал и претседателот Буш Јуниор.

Лани по инаугурацијата на претседателот Трамп, Палмер кој извесен период минал како советник во амбасадата во Бемград, изјави дека не верува дека политиката на САД на Балканот ќе се промени и дека Вашингтон останува посветен на регионот и на помошта за Балканот во европските интеграции.