Таинствена посета на Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој дојде и си замина од Скопје, а Владата не излезе со општа информација за содржината на разговорите со премиерот Зоран Заев какви што имало предходно кога доаѓал во Скопје.
Еден ден откако Ројтерс објави дека ЕУ може целосно да го запре процесот на прием на нови членки а Опсервер го проблематизира визниот режим за Западен Балкан денеска немаше ниту прес конференција со еврокомесарот.
Ако не беше долго најавувана посетата на Вархеји, за неа јавноста ќе дознаеше само од објавите на Твитер. Според објавите, средбата се одржа во Клубот на пратениците.
„Денеска во Скопје имав средба со еврокомесарот Оливер Вархеји, со кого отворено разговараме на неколку теми како што е Економскиот инвестициски план, кој е навистина силен позитивен импулс за нас, до конкретни проекти кои ќе бидат објавени до крајот на годината”, објави Владата изјава на Заев на Твитер.
И Вархеји се огласи на социјалната мрежа:
„Среќен сум што се вратив во Скопје на целосна дискусија со премиерот Заев. Се согласивме за брз почеток на имплементирање на проектите од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан за зајакнување на економскиот развојна Македонија и регионот”, напиша Вархеји.
И тој, како и македонската Влада го очекува самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и додава дека Западниот Балкан е клучен приоритет за Европската комисија, а иднината на регионот, вели е во ЕУ.
„Разговаравме како да постигнеме напредок во отворањето пристапни преговори со Македонија и Албанија”, напиша Вархеји.






