Канцеларката Меркел и Претседателот Макрон, како лидери на двете највлијателни земји членки на ЕУ истакнаа дека Германија и Франција ја делат одговорноста за Западен Балкан и на денешниот Самит за Западен Балкан во Берлин нагласија дека во интерес на двете земји е да го поттикнат позитивниот развој на процесите во регионот.
Како пример дека е тоа можно канцеларката на СР Германија Меркел и Претседателот на Франција Макрон ја истакнаа Република Северна Македонија и Договорот од Преспа со кој беше решен спор со Грција што ги откочи евро-атлантските процеси во земјата и стана модел за решавање на отворени прашања.
Лидерите на СР Германија и Франција изразија надеж дека ќе се најде решение за блокадата на дијалогот меѓу Белград и Приштина, и дека двете земји ќе стигнат до заеднички прифатливи одговори на сите отворени прашања.
На прес конференцијата посебен акцент беше ставен на економската соработка меѓу земјите од регионот, како и на инфраструктурното поврзување. Беше нагласено дека се очекуваат поголеми придобивки од Берлинскиот процес и во делот на соработката на безбедносните прашања и во борбата против финансискиот криминал.
Премиерот, Зоран Заев придружуван од вицепремиерот Бујар Османи и МНР Никола Димитров беше пречекан од канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел пред почетокот на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин.

На средбата беше констатирано дека Северна Македонија и Договорот од Преспа се позитивен пример на Балканот и дека тој успех е охрабрување за сите земји учеснички на Конференцијата за Западен Балкан.

За стабилноста на регионот и особено за придобивките на граѓаните на Северна Македонија и на Грција после Договорот од Преспа, неопходно е земјата да биде поддржана и да продолжи уште побрзо на патот кон очекуваната европска интеграција, се согласиле премиерот Зоран Заев и потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини на состанокот на маргините на денешната конференција на шефови на држави и влади за Западен Балкан во Берлин.





