„Реалното обединување на албанскиот свет и создавањето Етничка Албанија на Илирскиот полуостров ќе предизвика распад на Македонија и другите две словенски држави Србија и Црна Гора. Македонија е уплашена и затоа прифати со нејзината влада да раководи албански премиер. Преземањето на окупираните албански територии и создавањето Етничка Албанија е историска нужност. Тоа е голем интерес и на САД и западната политика.“ – тврди Спартак Нѓела, адвокат од Албанија, поранешен министер за правда на оваа држава во 1997 година, основач на албанската партија Закон и правда во 2008 година и пратеник во албанскиот Парламент од 2005 до 2009 година. Овие ставови на Нѓела, содржани во објавата на неговиот фејсбук-профил, ги пренесе и косовскиот весник „Бота е сот“.
Покрај другото, на фејсбук Нѓела пишува: Што се очекува да се случи во новата историја на Албанците? Реалното обединување на албанскиот свет на Илирскиот полуостров ќе предизвика распад на Македонија и другите две словенски држави Србија и Црна Гора. Македонија е создадена од албански територии, како и Србија и Црна Гора. Словенската агресија против Албанците трае повеќе од 200 години.
Македонија е уплашена и затоа прифати со нејзината влада да раководи албански премиер. Србија е во криза, која ја создаде независноста на Косово. Напредната историја на угнетениот и опљачканиот албански народ, насилно раселен од своите етнички територии ќе започне со преземање на тие окупирани албански територии во функција на албанското обединување во рамки на широката и голема територија на албанството. Тоа е историја, што доаѓа и која се вика Етничка Албанија.
Создавањето Етничка Албанија е историска нужност и тоа е голем интерес на сегашната западна политика и поодделно на политиката на Соединетите Американски Држави во нивниот судир со Русија. Обединувањето на албанските држави ги плаши Белград, Атина и Москва, кои продолжуваат да се закануваат и да предизвикуваат напнатости“





