Нгјела: Албанците се апсолутно мнозинство во с.Македонија – таму ќе следат и други албански настани

„Во с.Македонија, ослободена од угнетувањето на Албанците, се оди кон историското констатирање дека тие се таму апсолутно мнозинство. Албанството ќе доминира со Западниот Балкан.“ – вели Спартак Нгјела, политички аналитичар од Албанија и поранешен министер за правда на оваа држава, во својата колумна, која информативната агенција на албански јазик ИНА ја објави под наслов „Се потврдува дека Албанците се апсолутно мнозинство во Македонија“.

Во своите сеалбански возвеличувања Нгјела првин фрла поглед кон најновите настани во Црна Гора, за да потоа премине на Македонија: „Албанецот Дритан Абазовиќ создаде мнозинство, за да биде премиер на Црна Гора. Ова се очекуваше и тоа е првиот знак за натамошната ескалација на Албанците во Западниот Балкан. Американската политика е во движење. Треба да сфатиме дека единствената реално-западна сила на Црна Гора се Албанците. Просторите на Црна Гора се, всушност, католичка Малција на Арберија. Сега дојде времето Албанците да создадат влада на Северна Арберија, која се вика Малција, а која Србите ја нарекуваа Црна Гора.“

„Ова е уште еден успех кон натамошниот развој на албанскиот свет на Западниот Балкан. Овој успех ќе ги подвижи нанапред другите аспекти на подемот на националните настани, надвор од Албанија и Косово, на овој поширок албански простор, бидејќи други настани од национален карактер ќе уследат и во с.Македонија.“

„Во меѓувреме, с. Македонија е ослободена од историското угнетување против албанскиот етникум и се оди кон историското констатирање дека Албанците се таму апсолутно мнозинство. Сето ова време доаѓа и албанството секако ќе доминира со Западниот Балкан. Ова било, а и продолжува да биде историска вистина.“ – егзалтирано тврди овој политички аналитичар.