Незири: Судирот во Косово е одговор на проруската струја во српската политика на обидот на Вучиќ да ја насочи Србија кон Западот

„Вчерашниот судир во Косово може да е одговор на проруската струја во српската политика кон обидите на  Вучиќ да ја оттргне Србија од орбитата на Русија и да ја позиционира на страната на Западот.“ – смета аналитичарот Џелал Незири. Овој негов став е објавен во анализата на новинарката Катерина Блажевска со наслов „Косово: Изолиран инцидент, или ладни проби за жежок конфликт?“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик,



Може ли овие настани да бидат искра што ќе ги запали состојбите во регионот?

Покрај другото, во анализата пишува: Безбедносната состојба во Македонија е стабилна. Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат. Според информациите споделени меѓу безбедносно-разузнавачките служби во земјата и информациите од службите на сојузници во НАТО, не постојат укажувања за нарушување на безбедноста во * Македонија.

Изјавите од Белград засега не навестуваат смирување на состојбите. „Се плашам дека ова не е епилог, оти ќе биде полошо. Не реков случајно дека во деновите пред нас ќе донесуваме одлуки.“ – рече синоќа претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Тој ја обвини Приштина за подготвено сценарио: „Наша проценка е дека тие за 1 час и 25 пет минути собрале 460 специјалци. Да го направите тоа за час и дваесет минути во недела наутро, да објаснам што значи тоа: значи дека сѐ било подготвувано.

„Вчерашниот ден означува обновување оружен судир во регионот, кој може да ги поткопа сите дипломатски напори на меѓународната заедница за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.“ – вели аналитичарот Џелал Незири.

„Нецелосното спроведување околу 40 договори, постигнати од 2011 кога започна  дијалогот Белград-Приштина,  создава фрустрации, кои можат да прераснат во сериозен воен судир. Уште повеќе ако се земе предвид големото руско влијание во Србија, а особено кај политичките структури од северот на Косово. Во Косово се случи обид за оружено востание на Србите за отцепување од најновата држава во Европа, но сѐ уште непризната од Србија, но и од Русија и Кина. Поради тешкотиите да се создаде Заедница на српски општини, која е столб на  Бриселскиот и Охридскиот договор,  паралелните оружени структури на Србите се обидоа нивните цели да ги постигнат со воени средства. Нивниот план за поттикнување поголема војна не беше реализиран, барем засега, бидејќи немаа подршка од месното српско население.“ – вели Незири.

Незири смета дека ситуацијата има стремеж да се влошува, особено ако нема поистакната дипломатска активност за враќање на дијалогот и брзо спроведување на договореното.