Бриселскиот онлајн магазин New Europe кој важи за близок на грчки дипломати пишува за можни ,,други болни чекори” и историски ревизии што би ги презела Македонија за да ги задоволи бугарските барања пред повлекувањето на ветото од Софија.
,,Никој не треба да заборави, Петков ќе се соочи со значителен отпор во сопствената владина коалиција и од претседателот на земјата, доколку тој премногу силно се притисне со неговиот деклариран практичен пристап кон решавањето на проблемите, кој ја игнорира силната емотивна резонанца што ја има македонската етничка припадност во Бугарија. Дури и ако работните групи се чини дека брзо напредуваат, брзото поништување на долгогодишното вето на Бугарија за започнувањето на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ едноставно не е на картата без големи отстапки од Скопје”, стои во анализата на Алек Мали кој тврди дека отстапките на Скопје би можеле да вклучуваат уставни измени кои се однесуваат на постоењето на бугарско малцинство во Македонија или други слични болни чекори за многумина во Скопје.
Според порталот доколку на власт во Скопје дојде ВМРО-ДПМНЕ тогаш нема шанси за компромис со Бугарија.
,,Можеби има простор во категоријата „други болни чекори“ за некои креативни историски ревизии и дипломатија од страна на Скопје, како што отчукува часовникот.
Никој не смее да заборави дека Ковачевски, како и неговиот претходник Зоран Заев, во моментов е во позиција да ги направи потребните отстапки. Ако неговата влада се распадне и десното националистичко ВМРО се врати на власт, сите облози се исклучени.
Бугарија во последните неколку години докажа дека притисокот од нејзините партнери во ЕУ, па дури и од САД, нема да биде одлучувачки фактор за какво било компромисно решение, порака што властите во тие престолнини се чини дека повремено ја забораваат. Оние кои навистина сакаат да поттикнат решение треба да се фокусираат малку повеќе на тоа да ја натераат Македонија да ги реши бугарските незадоволства, за почеток”, пишува New Europe.
Прогрчките лобисти и медиуми меѓу редови стравуваат дека доколку Бугарија не попушти со блокадата и Скопје нема надеж за влез во ЕУ тогаш Македонија може да се повлече и од Договорот од Преспа.





