(Не)Возможните цели од говорот на старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Првичната анализа на говорот на старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски покажува дека тој е решен да ја менува Македонија на начин на кој досега ниту половично не му успеало на ниту еден политичар.



Мицкоски најави нова политика и концепт на ЗАЕДНИШТВО, наречен ,,Нов договор општествен консезус на сите рамноправни чинители околу заеднички патриотизам”.

,,На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие 3 децении се застрани”, рече Мицкоски за главниот столб на новата доктрина на партијата која конечно треба да ја претвори Македонија во функционална држава.

Мицкоски најави влез во она што го нарекува втора епоха, општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец кои ќе ја донесат новата иднина.

,,Втората епоха значи и подавање рака на секој еден интелектуалец, отпочнување на дијалог со мудрите глави на ова општество чиј глас се заборави меѓу децениите на разграбување на државниот капитал и доминацијата на лукративните поединци и медиокритетите кои уживаат во конформизмот граден на плеќите на луѓето кои ја крепат оваа нација. Дијалог со професорите, со писателите, научниците, младите, студентите, синдикатите, стопанството, коморите. Дијалог со луѓето поттурнати настрана, а чиј глас го сочинува она што го викам тивкото мнозинство”, вели Мицкоски најавувајќи дека ќе се слушне гласот на умните и искусни луѓе дури и ако не се дел од неговата или друга партија или друг вид на група.

Мицкоски дефинираше повеќе други цели кои се рак рана на Македонија и без чија имплементација нема да биде можен напредок: ниски даноци, сузбивање на криминалот, влез во ЕУ, заштита на националните интереси, постигнување на економски стандард како во една Австрија.

Тоа што за граѓаните е директен бенефит е најавата за намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8%.

Според Мицкоски персоналниот данок за млади луѓе треба да биде 0%, а секоја година по стабилизирањето на економијата треба да има раст до 5% по што треба да се постигне едноцифрена невработеност.

За образованието Мицкоски очекува да имаме универзитет во првите 500 според Шангајската листа.

Говорејќи за идеолошките, социјалните, партиските или историските судири Мицкоски вели дека ,,кога ќе нè сретнат со цинизам и потценување, и кога ќе ни кажуваат дека не можеме, ние ќе одговориме гордо и со крената глава ….МОЖЕМЕ ! И ќе Победиме!”.

Мицкоски упати и порака до Заев и СДСМ која не беше злонамерна.

,,Ако видовте, во целиот мој говор не ги искоментирав Заев и СДСМ никаде. Тоа е затоа што се надевам дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа”, порача Мицкоски според кого во Македонија има еден феномен кој мора да запре: Најскапото не смее да се губи многу евтино.

“Доста се замижува пред секојдневните врски, митаџиства и протекции за добивање на услуги кои секако му следуваат на обичниот човек. Што мислите како 135 пати поминувал автобусот на Беса Транс низ царината без потребните документи и дали ако некој од вас се обиде да ја мине границата без документи, како ќе заврши? Е тоа на овие од компанијата милениче на власта им успеало над стотина пати. И таа иритирачка вина кај одредени структури, која се наградува наместо да се казнува, доведува до тоа животите на луѓето да се губат и тие да имаат ниска цена. Најскапото се губи многу евтино”, изјави Мицкоски во својот говор како потврден старо – нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ.