Невладините жестоко против топланите да греат на дизел наместо на гас

Се наближува 15 ноември, температурите се снижуваат, а од Владата сеуште нема информација како ќе се загреваат топланите Исток и Запад.



Вчера се огласи здружението Еко Свест.

Последните објавени информации кои се однесуваат на одлуката на АД ЕСМ за тестирање на нови мотори со дизел гориво во топланите Исток и Запад во Скопје по 15 ноември се несериозни и непотребни во услови кога природниот гас е опција како енергенс за овие топлани, апелираат од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест Скопје

Сметаат дека објавата дека во топланите се инсталирани 10 нови пумпи за дизел кои ќе се тестираат по 10 дена во секоја топлана е краткорочно решение кое е спроведено нетранспарентно, а ќе донесе долгорочни штетни последици по здравјето на граѓаните на Скопје.

– Иако веќе втора зима по ред се соочуваме со енергетска криза, одлуките што се носат за нејзино надминување мора да бидат транспаренти и да носат придобивки на долг рок за да не се повтори кризата и наредната година. Заштитата на јавното здравје и животната средина исто така секогаш треба да бидат приоритет во носењето на ваквите одлуки. Топланите Исток и Запад во моментов имаат дозвола да работат само со природен гас. Воведената промена е целосно различна од нивниот нормален режим на работа и претставуваат создавање нова постројка со сосема нови параметри.

Додаваат дека топланите немаат опрема за контрола на емисиите од користење на дизел гориво, немаат ни еколошка дозвола која што овозможува такво нешто.

– Од почетокот на ноември веќе секојдневно се надминуваат дозволените вредности на загадувањето на воздухот во Скопје, кое во некои денови е и двојно повисоко од дозволеното. Со користењето на дизел во топланите, дури и само во овој тест период, загадувањето уште повеќе ќе се зголеми, истакнува Давор Пехчевски, координатор за енергија во Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест.

Од Еко свест велат дека веќе постојат технолошко и финансиски лесно достапни алтернативи за загревање на домаќинствата што користат обновливи извори на енергија.

Како што објави Фактор, цените на дизелот на светските пазари се повисоки за 33 отсто за испораките во ноември, а експертите очекуваат дека зголемувањето ќе биде уште повисоко во следните месеци поради рекордниот недостиг на дизел во САД и во ЕУ.

Водечките бизнис аналитичари во САД истакнуваат дека неконтролираното зголемување на цените на дизелот е резултат на многу малите резерви од овој енергенс, особено сега во зимската сезона кога побарувачката се зголемува неколку пати. Граѓаните на САД веќе се во паника.

Недостигот од дизел и високиот пораст на неговата цена предизвикува паника и во европските земји кои се обидуваат да набават што поголеми количини, што од друга страна дополнително ја зголемува цената на дизелот во Европа. Во ваква комплицирана ситуација и прогнози за нов, неконтролиран пораст на цената на дизелот, Владата размислува да го користи овој енергенс за работа на топланите Исток и Запад, преку кои околу 60.000 домаќинства во Скопје се снабдуваат со топлинска енергија за парно греење.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека по 15 ноември компанијата ќе спроведе тест-период врз двете топлани за да провери како тие ќе работат на дизел. Според Ковачевски, префрлањето на топланите на дизел од гас, кој сега го користат, е една од алтернативите доколку гасот периодов стане многу поскап или потежок за набавка. Опцијата топланите да се загреваат на дизел, според најавите на Ковачевски, ќе остане отворена и во следните грејни сезони, во зависност од приликите и условите на светските пазари.

Но, во оваа ситуација ниту една надлежна институција не ги разгледува последиците од користењето други горива (дизел или мазут) врз воздухот кој во Скопје бележи рекордна загаденост во зимскиот период во последната декада.

Гасот е многу поеколошки енергенс со минимално влијание врз квалитетот на воздухот, за разлика од дизелот кој е познат како голем загадувач.