На денешната 13 седница Советот за национална безбедност на Македонија одлучи решенијата за нефункционалнитот систем за надминување на кризи да ги бара преку работна група.
“Советот за безбедност и предложи на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи. Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен”, соопштија од Кабинатот на претседателот Пендаровски по завршувањето на речиси 4-часовната седница.
Проблемот и резилот за Пендаровски, Спасовски, Шеќеринска, Ангелов и другите учесници е на состанокот на СБ е што ваков документ е донесен уште пред две години и за него тогаш зборуваа министерот Спасовски и пратеникот Павле Трајанов а за него објавија повеќе провладини медиуми .
И тогаш и сега претседателот и владата се исти.
Неверојатно е што никој од присутните ниту на службите не им текнало дека веќе има документ каков што сака сега да носи владата.
Или пак советот за безбедност како што утрово праша expres.mk беше само обид да се дефокусира јавноста од кризата на владата.
Во продолжение целиот извештај на валидноста агенција МИА која во август 2019 година објави широк извештај за решавање на проблемот со нефункционалните институции кои треба да решаваат кризи:
Скопје Август 2019
Националната платформа за намалување на ризиците од катастрофи е документ што на системски начин ги поттикнува и ги обврзува субјектите на системот за управување со кризи, заштита и спасување, да дејствуваат на многу поорганизиран и ефективен начин за рано предупредување, превенција, намалување и санирање на последиците од можни катастрофи.
Ревидираниот нацрт на Националната платформа се очекува да биде донесен во септември, врз основа на јавна дебата за потребите, капацитетите и можностите на надлежните институции во државата.
Сите анализи, истакнува Павле Трајанов, национален координатор за имплементација на Националната платформа, покажувааат дека системот за управување со кризи мора да се реформира.
Брзи реформи, нови законски решенија, единствена методологија, координација на институциите, деполитизација и професионализација, вклучување на Црвениот крст во платформата и на приватните агенции за обезбедување, техничко доопремување на противпожарните бригади, како и информирање на граѓаните како да постапуваат за време и по евентуални природни елементарни катастрофи и подигнување на јавната свест од можни катастрофи од страна на медиумите со точни и навремени информации.
Ова се дел предлозите дадени од учесниците на трибината „Национална платформа за намалување на ризиците од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија“, што се одржа во насока на донесување ефективен и ефикасен систем за дејствување во услови на кризи и катастрофи.
ИЗИС со иницијатива за електронски попис на објектите на територијата на државата
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Влатко Шешов, информира дека на средба во Државниот завод за статистика во пресрет на најавениот попис на населението, заедно со Градежниот факултет повеле иницијатива паралелно да се изврши и електронски попис на објектите на територијата на државата и врз основа на таа база да се гради системот за превенција и заштита.
– Мораме да градиме електронски систем, база на податоци за изграденост на територија на државата. Претстојниот попис на населението е многу добра шанса да се соберат сите релевантни податоци за градбите на територијата на земјата за да изградите систем во кој ќе имате брза проценка на евентуални штети и да симулирате разни сценарија и ќе имате брза слика на тоа што може да очекувате од такви евентуални катастрофи, појасни Шешов.
Според него, значајно е тоа што треба да се градат капацитети, систем и мерки, како за превенција така и за намалување на последиците од елементарни катастрофи.
Институтот, посочи тој, работи на обновување на сеизмичките мапи, но и на подигнување на свеста на граѓаните, како прв предуслов за солидна национална платформа дека живеат во држава што во својата историја памети силни земјотреси што предизвикувале катастрофи и губење човечки животи и затоа секој треба да знае како да дејствува за време на земјотреси. Најизложени на сеизмички дејства, односно на земјотреси во државата, потсети Шешов, се Скопската Котлина, Дебарско-охридскиот Регион, Валандовско и Беровско-пехчевскиот Регион.
Институтот посебно внимание посветува на научни истражувања, истакна тој, и посочи дека во рамките на таквите истражувања е констатирано дека имаме голем број културно-историски споменици, кои се повредливи и на кои во иднина треба да им се посвети внимание, да се зајакнуваат за да не дојде да го изгубиме тоа што го имаме како национално богатство во случај на елементарна непогода.
Оваа институција има поведено и голем број иницијативи, меѓу кои и во поглед на Законот за градење сите проекти за градби во државата веќе поминуваат низ Институтот, односно се врши контрола на сите градби за тоа дали ги задоволуваат постојните технички прописи. Институтот учествува во изработка на просторни планови, за што, како што рече, мора да се посвети повеќе внимание за тоа каде, како и какви градби се градат, за да не дојдеме во ситуација на подрачја што не се поволни за изградба на индустриски комплекси да се гради и потоа за време на катастрофи да можат да бидат оштетени, посочи Шешов.
Системски законски измени, па потоа Националната платформа
Според Марјан Ѓуровски, професор на Факултетот за безбедност – Скопје, потребно е прво усвојување системски законски измени за управување со кризи и заштита и спасување, па потоа донесување на Националната платформа, но и унифицирање на методологијата за проценка на ризици и опасности.
Тој оценува дека постојат систематизирани грешки и пропусти во системот за управување со кризи, лоша координација во менаџирањето со кризи, некоординираност меѓу војската и полицијата и останатите служби на терен, како и ЦУК и ДСЗ во услови на прогласена криза и кризна состојба.
– Потребна е консолидација на ресурсите, ажурирање на безбедносната политика, координација, професионализација и закон за интегрална безбедност. Редефинирање на системот за управување со кризи и заштита преку обединување на ЦУК и ДЗС во единствена институција, рече меѓу другото Ѓуровски.
Преку обединувањето на ЦУК и ДСЗ, смета Ѓуровски, ќе се постигне систем на рано предупредување, механизми за брза и ефикасна превенција и справување и елиминирање кризна состојба и рационална употреба на ресурсите, ќе се воспостави јасна координација на надлежности и соработка, а ќе се гради и стратегиска култура и враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот.
Тој предлага и развивање регионални сили за справување со ризици од катастрофи, но и да се прошири палетата на ризици и јасно да се наведат хибридните закани каде што спаѓаат и лажните вести.
Според него, недостига и навремен одговор од локалните власти во ефикасното превенирање на ризиците и заканите и потоа управувањето со кризи.
Ѓуровски смета дека добра идеја е и формирање единствен команден систем меѓу Армијата и МВР за подобрување на меѓусебната координација, а, според него, треба да се размисли и да се користи резервниот полициски состав на јужната граница.
Павле Трајанов: Градиме систем каде што клучни се превенцијата и раното предупредување
Република Северна Македонија и натаму е изложена на елементарни и друг вид катастрофи, посебно, вели Трајанов, како резултат на климатските промени, трусното подрачје, нерегулираните речни корита, ерозијата поради неконтролирано уништување на шумскиот фонд, изложеноста на пожари, несоодветниот третман на отпадот, недостатоците во градежништвото, неотпорноста на објектите на надворешни влијанија, заканите од тероризам, приливот на мигранти, слаби заштитни системи од напад на биолошко оружје и слично.
Тој потенцира дека е важно за можна катастрофа навремено да бидат информирани главните носители на системот за кризи, но и граѓаните, со цел да се намалат последиците.
– Обврска на државата е да ги поставува и да ги развива системот и стандардите за спречување и намалување на последиците од катастрофи, користејќи ги научните и стручните капацитети, посебно обврските што произлегуваат од бројните резолуции на ОН, директивите на ЕУ поврзани со цивилната заштита, НАТО-стандардите и компаративните искуства од други држави и меѓународни организации, вели Трајанов.
Тој информира дека за таа цел е и проектот за единствениот телефонски број Е-112, каде што граѓаните и другите субјекти за справување со кризи ќе можат да се јават и да пријават пожар, невреме, да побараат здравствена помош или помош од полицијата.
– Треба да се воспостави единствен систем за управување со кризи, заштита и спасување и интегрирање на расположливите капацитети и ресурси на сите административни нивоа, истакна Трајанов, додавајќи дека се предвидува да се формира и комитет за координација и имплементација на Националната платформа.
Трајанов посочи дека треба да се мобилизира и граѓанскиот сектор, кој, како што потенцира, треба да ги притиска владините институции да креираат соодветни и спроводливи национални и локални политики заради јакнење на превенцијата и отпорноста на катастрофи.
Владата има поставено јасни насоки
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски информира дека Владата има поставено јасни насоки, почнувајќи од нужноста за законско нормирање на критичната инфраструктура, анализа на поставеноста и дејствувањето на целокупниот систем за кризи и имплементацијата на Националната платформа.
Целта е, нагласува Спасовски, преку соодветно изграден нормативно-институционален концепт да се воспостави оперативно-технички и структурно-организациски систем од механизми способни практично, координирано, благовремено да бидат ставени во функција на превенција, рано предупредување, заштита и спасување на човечките животи и материјалните добра и санација.
– За нас и како Влада и како државни институции од есенцијална важност е изработката на Националната платформа да се одвива преку максимална инклузивност, односно процес во кој треба да биде вклучена јавноста, особено експертите и стручните луѓе од областа важни за различните подрачја опфатени во платформата, наведе министерот Спасовски.
Улогата и надлежностите на МО за намалување на ризиците од катастрофи
Министерството за одбрана е значајно во системот за управување со кризи и учествува во превенирање, рано предупредување и справување со кризи, кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и животните при природни непогоди, епидемии и други ризици и опасности што директно ги загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на државата и во дел од неа, а за кои не постојат услови за прогласување воена и вонредна состојба.
Раководителот на Секторот за цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана, Тони Петрески, појасни дека во овој дел надлежностите се црпат од законите за одбрана, за управување со кризи и за заштита и спасување.
– МО и Армијата, согласно Законот за одбрана, организираат подготовки за справување со кризи како поддршка на системот за управување со кризи. Армијата може да учествува во отстранување на последиците од вонредна и кризна состојба, а наредба донесува претседателот на државата, вели Петрески.
Г.М.






