Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека Израел ќе ги продолжи „ударите врз терористички цели“ во појасот Газа, по еднонеделните судири со палестинските екстремисти.



По состанокот со највисоките одбранбени функционери, Нетанјаху најави дека Израел ќе продолжи да дејствува колку што е неопходно за да се вратат мирот и безбедноста за сите граѓани на земјата.

Судирите почнаа на 10 мај кога Хамас истрела ракети со голем дострел кон Ерусалим по повеќенеделните насилства околу џамијата Ал Акса во Ерусалим меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција за време на муслиманскиот месец Рамазан.

Насилните немири избувнаа, меѓудругото, и поради заканата со иселување на палестински семејства од еден кварт во Источен Ерусалим, за во нив да влезат еврејски доселеници.

  • Обединетите Нации соопштија дека повеќе од 38 илјади Палестинци се раселени во појасот Газа поради израелските воздушни напади, а оти над 2 илјади и 500 останале без домови.

Генералното собрание на Обединетите нации ќе се состане во четврток (20-ти мај) околу нападите на Израел врз Палестина, објави Ал џезира.