Љупчо Нешков, сопственик на бугарската новинска агенција БГНЕС, констатира дека македонско-бугарската граница во моментов била пуста како никогаш во последните шест-седум децении, за што ја обвини „кампањата против Бугарија кај западниот сосед“, но бил оптимист дека тоа ќе се смени.
„Би било погрешно внатрешно-политичкиот живот во РСМ да го разгледуваме како опозиција и власт кога станува збор за Бугарија. Односот кон нашата земја може да се објасни со зборовите агресија и омраза. Не ги прифаќам сугестиите на одредени политички кругови и аналитичари дека ова што се случува во Македонија е поради радикализмот на опозицијата. Ова е државна идеологија“, не избираше зборови Нешков во етерот на Бугарското национално радио (БНР).
Тој, сепак, е оптимист дека ќе се направат измени на македонскиот Устав и оти земјата ќе тргне по патот на евроинтеграциите.
„Ова е најмалиот дел од преговарачката рамка. Ако Македонија не ги направи, тогаш не ја избира ЕУ, туку избира да биде земја што ќе спроведува туѓа идеологија против сопствените интереси, која може да го дестабилизира Балканот“, смета Нешков.
„Сè што се случува е дел од оваа државна идеологија на омраза и агресија кон Бугарија. Ниту тепањето, ниту палењето на знамето се инциденти. Командантите, сепак, се во Белград.
Мора да му објасниме на светот дека оваа идеологија е дел од геополитички проект кој им служи на туѓи интереси. Тоа е задача на бугарската држава, но потребни се храброст и самодоверба.
Мора да има пресврт во РСМ за оваа држава да тргне кон вистинска изградба на независна држава“, истакна перјаницата на антимакедонската пропаганда во Бугарија.






