Нешкоска: Етимолошкиот речник може да докаже дека македонскиот со своите зборови е посебен јазик

„Јазик без етимолошки речник е како народ без историја. Не знае од каде доаѓа и затоа не знае каде оди. Македонците сѐ уште не поседуваат таков тип речник. Немањето етимолошки речник е поврзано со оспорувањето на потеклото на македонскиот јазик, кое носи низа последици при преговорите за членство во ЕУ. Етимолошкиот речник може со научно потврдени аргументи да докаже дека македонскиот јазик од гледна точка на лексиката е посебен јужнословенски јазик со автохтони зборови, што говорат за историјата и културата на македонскиот народ и кои не се заеднички со ниеден сроден и соседен јазик.“ – вели Емилија Нешкоска, магистер по споредбена словенска лингвистика и јужнословенски студии, во интервјуто за весникот „Нова Македонија“, кое го реализира Јасминка Павловска. Нешкоска е своевидна носителка на идејата за проектот за изработка на етимолошки речник на македонскиот јазик, со научна поддршка од словенечкиот академик Марко Сној.

Може ли еден јазик да биде лингвистички релевантен и научно заокружен без етимолошки речник? Дали дел од причините, поради кои денес политички се оспорува македонскиот јазик, може да се пронајде во фактот, што е еден од ретките европски јазици, за кој нема изработено етимолошки речник?

Е.Нешкоска: „Јазик без етимолошки речник е како народ без историја. Не знае од каде доаѓа и затоа не знае каде оди. На прашањата од каде потекнуваат зборовите, што првично значеле, како се менувале со текот на времето, по што се разликуваат од зборовите во сродните јазици, можете да најдете одговор, ако отворите етимолошки речник, Ние, Македонците сѐ уште не поседуваме таков тип речник. Етимолошкиот речник на еден јазик е од суштинско значење од повеќе причини – претставува одраз на културата на еден народ, ги претставува историските околности, во кои настанувале зборовите, го претставува и односот со другите (не)соседни народи и јазици. Немањето етимолошки речник е поврзано со оспорувањето на потеклото на македонскиот јазик, кое носи низа последици при преговорите за членство во ЕУ. Проблемот зошто е оспоруван македонскиот јазик има широка заднина. Ознаката ‘регионална форма на бугарскиот јазик’ се користи со цел македонскиот да се означи како јазик со декрет од 1944 година. Етимолошкиот речник во тој случај може со научно потврдени аргументи да докаже дека македонскиот јазик од гледна точка на лексиката е посебен јужнословенски јазик со автохтони зборови, што говорат за историјата и културата на македонскиот народ и кои не се заеднички со ниеден сроден и соседен јазик.“

На каков начин етимолошкиот речник може да докаже дека македонскиот јазик е посебен?

Е.Нешкоска: „Немањето етимолошки речник го искористува и бугарската јазична политика, која на македонскиот јазик во поново време му ја даде ознаката ‘северномакедонски бугарски јазик’, а македонската граѓа во бугарските етимолошки речници e претставена со ознаката ‘бугарско дијалектно’. Но и покрај многуте сличности со другите словенски јазици, не треба да се запостави фактот дека македонскиот јазик има свој зборовен фонд, кој од историски аспект не е обработен не само во бугарскиот туку во ниеден етимолошки речник од словенските јазици., што се докажува со повеќе примери. Збор што имплицира на посебноста на македонската лексика е зборот ‘чекор’. Бидејќи зборот не е присутен во другите словенски јазици, освен во некои бугарски дијалекти со значење ‘гранка’, следува дека овој збор настанал во македонскиот јазичен развој. Сите вакви примери јасно имплицираат на диференцијацијата на македонскиот јазик.“

Интернет-врска до целото интервју:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/jazik-bez-etimoloshki-rechnik-e-kako-narod-bez-istorija/