Членови на македонскиот дел од мешовитата комисија за историја со Бугарија најавуваат дека таа делумно или целосно може да се распадне доколку се потврди дека македонската страна треба да прифати билатерален протокол каков што беше детално објавен во бугарските медиуми.
Најмалку двајца а можно е и сите членови на комисијата да го напуштат телото кое е формирано од министерот за надворешни работи.
Дури и членот на комисијата кој е близок на ДУИ а именуван од Османи не сакал да остане во неа ако останат бугарските позиции што беа објавени од повеќе бугарски медиуми.
,,Неприфатливи и понижувачки се бугарските позиции. Како научник и човек не можам да прифатам вакво еклатантно кршење на идентитетот на Македонците. Мојот напор да дадам научно издржани и европски дух на работата на комисијата ќе заврши со владиниот обид да наметне прифаќање на навредливите бугарски позиции кон Македонија”, вели еден член на комисијата кој инсистира на анонимност за expres.mk.
Tој открива дека имало обид на министерот Османи пред членови на комисијата да убедува дека бугарските позиции се најдобрите што може да се добијат но не сака да открива детали.
Обидот завршил неуспешно откако членови на комисијата не добиле документ кој може да го анализираат.
,,Прашајте во МНР до каде е работата, јас немам надлежност да коментирам повеќе”, вели изворот на expres.mk во комисијата.
Според познатите бугарски позиции со протоколот и француската рамка, Македонија нема да може да почне преговори се додека Софија не е задоволна од решението за последниот историски лик кој соседите го сметаат за Бугарин.






