Комуникацијата помеѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија продолжува и во овој период, кога во Софија нема политичка влада, соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој објасни дека тоа е негова и одлука на Владата од причина што сметаат дека не треба да има прекин на разговорите зашто потоа потешко ќе се надоврзат на она што досега е дискутирано.
Во врска со денешната посета на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Софија, Османи вели дека такви средби како денешната во Бугарија ќе има и во иднина и со двете страни.
„Се разбира дека продолжуваат напорите и на ЕУ, па и на комесарот Вархеји, но и на земјите-членки, пред сè на словенечкото претседателство кое на некој начин има обврска да биде посредник во надминување на овие прашање. Така што, ќе има такви средби во наредниот период, ќе има и со нас и со Република Бугарија. Ние ќе продолжиме да работиме за изнаоѓање решение, сметаме дека е важно што побргу да се затвори прашањето. Јас кажав во неколку наврати, дека португалскиот предлог е сличен на претходниот германски предлог, истиот го презема словенечкото претседателство, така што за да не се создаде конфузија кажуваме само предлогот на претседателството. И сè уште предлогот на претседателството е основа за надминување на разликите покрај билатералните разговори што ги водиме двете страни“,
изјави Османи.





