Историчарот Димитар Атанасов од Институтот за етнологија и фолклористика со етнографски музеј при Бугарската академија на науките излезе со целосно спротивен став за македонската нација и јазик од официјалниот на Софија.



„Како и секоја друга нација, македонската е факт и нема потреба од највисока потврда од кој и да е за да почне да постои полноправно. Аргументот за нејзината извештаченост е неодржлив – заедниците се плод на консензус меѓу нивните членови, а не природна појава“, вели Атанасов за „Дојче веле“ на бугарски јазик.

„Темата за односот на Бугарија кон југозападните соседи се наоѓа во најболното подрачје на нашата колективна имагинација. Помирувањето со минатото е неизбежно. Тоа минува низ горчливото сознание дека скаменувањето на неговите слики е капитал што политичарите вешто го свртуваат кон приватниот интерес. Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности. Ако пред еден век во некои области на Македонија живееле Бугари, денес тие се само неколку илјади. Ако пред еден век бугарската книжевна норма ги вклучуваше говорите користени до Корча во Албанија и јужно Косово, денес постои литературен македонски јазик, создаден слично на бугарскиот во академија на науките. Книжевниот јазик не е земен од теренот, туку е конструиран по научен пат. Тоа се однесува на кој било книжевен јазик“, објаснува тој.

„Норвешкиот јазик ја добива својата литературна норма дури во 20. век. Тој е сосема разбирлив за Данците, чиј јазик има многу подолга историја, но тоа не создава поводи за потсмев сличен на бугарскиот кон македонскиот јазик и неговите говорители. Италијанците и Шпанците исто така се разбираат без потреба од превод, но нема соседски расправи за тоа кој е полегитимен наследник на некогашниот јазик на Римската империја“, објаснува Атанасов.