Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев денеска изјави дека уставниот поредок во оваа централноазиска земја погодена од немири во најголем дел е обновен.



Тој изјави дека издал наредба со која полицајците ќе може да пукаат и убиваат.

„Им дадов наредба на агенциите за спроведување на законот и вооружените сили да пукаат за да убијат без предупредување“, рече тој во обраќањето.

Во одвоено соопштение, Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека 26 „вооружени криминалци“ се „ликвидирани“, а повеќе од 3.000 се приведени, а 18 полицајци и офицери на Националната гарда се убиени од почетокот на протестите оваа недела.

Властите воведоа критично „црвено“ ниво на терористичка закана низ целата земја, а властите строго го ограничија пристапот до интернет и телефонската мрежа и овие ограничувања сè уште се во сила.

Најголемата земја во Централна Азија е зафатена од големи протести кои започнаа на 2 јануари поради поскапувањето на горивата.