Немаат ни 70 пратеници за уставни измени, нека не малтретираат, порачува ВМРО-ДПМНЕ

Реалноста е дека нема ниту 70 пратеника кои ќе гласаат уставни измени, порачаа денеска -пред пленарната седница во Собранието за уставните измени – од опозициската партија која останува на ставот дека нема да поддржи измена на Уставот по бугарски диктат.



„ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш децидно денес, како и многу пати до сега ќе го повтори својот став, дека уставни измени под овие околности и бугарски диктат нема да прифати.

СДС да не ги малтретира граѓаните и државата и уште денес по неуспехот со уставните измени да се распушти Парламентот и да одиме на избори, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска во Собранието ќе почне пленарната седница за уставните измени. Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, Комисијата за уставни прашања ја изгласа потребата за носење на уставните измени и заклучоците ги проследи до Собранието.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

Денеска, Собранието најнапред треба да го изгласа дневниот ред со единствена точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија за што се потребни 61 глас. Потоа се пристапува кон претрес по предлогот што може да трае најмногу 10 дена..

Како што стои во членот 196 став 1 од Деловникот, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот, на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.

Доколку го нема потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.