Иако поминаа две недели се уште ги нема резултатите од обдукцијата на 5- годишната Јана која почина во битолската Клиничка болница по примањето инфузија.
Родителите се уште ги чекаат, а мајката за „Макфакс“ вели дека институциите веќе престанале да ги известуваат.
„Ниту некој се јави да ни каже за резултатите од обдукцијата ниту, пак, нè побараа за каков било извештај. Сè дознаваме од телевизија. Слушнавме дека можеби следната недела ќе биде готов извештајот од обдукцијата и немаме што друго да правиме, освен да чекаме. Ова издолжување само ни остава сомнеж дека чекаат да спласне работата и да се совпаднат со другите извештаи“, вели мајката Кристина Христовска.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, утврдија дека немало пропусти во лекувањето, а подоцна извештај изготви и стручна комисија формирана од министерот за здравство, која потврди дека била соодветно третирана.
И покрај ваквите извештаи, родителите на Јана велат дека не изгубиле верба во институциите додека го чекаат наодот од обдукцијата.







