Ништо од поевтинување на лебот. Иако векна леб беше најавено дека ќе се продава за 32 денари, таа денеска изнесуваше над 50 денари, па и повеќе. И покрај најавите за намалување на цените на основните прехранбени производи за 10%, не забележавме пониска цена ни на лебот, ни на млекото, ниту пак на маслото за јадење. Алфа направи обиколка низ поголемите маркети во Скопје, и забележа дека сите цени се исти како и пред неколку дена. Граѓаните кои биле во продавница, не забележале никакво поевтинување. Велат дека цената е иста како и до сега. Дел од граѓаните веќе не веруваат во ниедна најава дека ќе биде поевтино, се жалат пред камерата на Алфа.
Дел од продавачите во поголемите маркети за Алфа велат дека утрово не добиле известување за намалување на цената на лебот или на другите основни производи. Иако граѓаните имаа големи очекувања дека лебот, но и другите основни производи ќе поевтинат, тоа не се случи, но се надеваат дека ќе има благо намалување во наредниот период.
Поевтините прехранбени производи треба да бидат резултат на владните поволности за поевтина струја, која дел од компаниите се уште ја чекаат.
Од мелничарско – пекарската индустрија велат дека лебот сигурно ќе поевтини, но дека тоа ќе оди постепено, а не како што на големо се најавуваше дека тоа ќе се случи по први декември. Во споредба со минатата година, цената на лебот поскапе за 44%, а цената на некои лебови достигна и 100 денари, што до сега останува непроменета. Нема поевтинување ниту на млекото и млечните производи, кои поскапеа за 30%. И маслото за јадење се уште се продава по иста, повисока цена.





