Нема никаков основ за поскапување на основните прехранбени производи. Цените вештачки се зголемуваат, а државата, односно инспекциите се виновни што не ги казнуваат трговците. Ова е ставот на експертите за секојдневниот пораст на цените на храната, во време кога влезните елементи за производство драстично се намалени, објави Сител. Затоа сметаат дека поскапувањата се нереални и немаат никаква еконосмка логика.

– Не знам врз основа на што се покачуваат цените. Реално цените имаат секојдневна нагорна линија. Порано кога велеа дека е заради цените на струјата, на гасот, на нафтата и на репроматеријалите, сега не е така. Дури и цената на суровините не е покачена, што покажува дека вештачки се дигаат и улогата на државата е да провери преку инспекциите зошто на одредени продукти цената се зголемува енормно, изјави Синиша Пекевски, економист.
Вчера вицепремиерот Битиќи прстот за поскапувањето го впери во трговците, кои сакале да профитираат на грбот на производителите и се однесувале нефер и неетечки. Кој профитира и се богати, а цехот го плаќаат граѓаните со плаќање поскапо, Битиќи одби да каже. Економистите пак, велат – наместо да етикетира, јавно да ги соопшти имињата на трговците кои правеле злоупотреби.




