Македонската полиција ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница и во моментот ситуацијата е под контрола, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по информациите дека стотици мигранти од бегалскиот камп во Солун се упатиле кон границата со Република Северна Македонија.
„Преку посебни планови веќе е зајакнато обезбедувањето на државната граница помеѓу Грција и Република Северна Македонија. Се работи за околу 1.200 до 1.500 мигранти, сега за сега колегите од Грција ја контролираат таа бројка, но секако дека ние имаме обврска да бидеме подготвени и да ја штитиме границата и евентуалната можност за влез во Република Северна Македонија“, изјави министерот Спасовски.
И според првиот човек на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци МАРИ, Сашко Коцев, нема простор за загриженост од нов бегалски бран во земјава.
„Има информации за судири на мигранти со грчката полиција, но состојбата во моментот е под контрола. Доколку споредиме со 2015 та година моите очекувања се дека тоа нема да се повтори. “, вели Сашко Коцев.




