…
„Со сета благодарност на искажаниот гест од германскиот Бундестаг (за постоењето и посебноста на македонскиот национален идентитет, култура, јазик и историја), во македонската јавност не може да се пренебрегне чувството дека и тоа е демонстрација на мека моќ и вид „притисок“ во вид на своевидна необврзувачка гаранција на Германија, за да биде прифатен условот за внесување на Бугарите во македонскиот устав и да започне ефективниот преговарачки процес за членство на Македонија во ЕУ, пишува Јасминка Павлоска за „Нова Македонија“.
Имено, барањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е препознаено како обид на Бугарија преку ЕУ да ги реализира нејзините аспирации за асимилација на посебниот македонски национален идентитет.
Истиот ден кога германскиот бундестаг ја изгласа декларацијата за македонската историја, култура, јазик и порача Бугарија да се воздржи од нови услови за Македонија, бугарската потпретседателка Илијана Јотова експресно потсети дека не се само уставните измени, туку Бугарија очекува да бидат спроведени и обврските од протоколите на меѓувладините седници со Македонија, за спроведување на Договорот за добрососедство.
Односно, и покрај германската резолуција, и барањето за воздржување од нови услови, Бугарија очекува напредок по нејзини критериуми во работата на историската комисија, менување на македонските учебници по историја, пристап до безбедносните досиеја во македонските архиви.
Таквите пораки и реакции од бугарските политичари го наметнуваат прашањето за целисходноста на германската и другите најавени резолуции од парламенти на земји-членки на ЕУ, па и на САД. Имаат ли политичка моќ ваквите резолуции да бидат гаранција дека ќе бидат заштитени македонските национални обележја во преговарачкиот процес?
Џевдет Хајредини, денес политички аналитичар, инаку министер за финансии во првата политичка влада од независноста на Македонија, за значењето на резолуцијата на германскиот парламент испрати директна порака до премиерот Димитар Ковачевски.
– Ковачевски без потреба многу време губи за реклама и пропаганда. Натамошниот напредок на Македонија не зависи од Германија, туку од Бугарија! – е ставот на Хајредини, потсетува Павлоска.
(…)
Академик Катица Ќулавкова во содржината на резолуцијата согледува одредени парадокси.
„Од пораката упатена до Бугарија во резолуцијата на германскиот бундестаг може да се разбере дека бараат да нема повеќе НОВИ условувања за Македонија, ама им ги прифаќаат веќе поставените услови. Патем постојните бугарски услови, вградени во т.н. француски предлог за Македонија се косат со сегашната германска декларација. Парадокс и нелогично во најмала рака’, ја пренесува Павлоска оценката на академик Катица Ќулавкова.







